Светска Банка: Македонија ќе има најнизок раст во регионот

Светска банка ја намали проекцијата за раст на економијата од 2.8% колку што проектираше на пролет на 1 и пол процент во најновиот извештај. Тоа е најниска проекција за економски раст во регионот.

Од Светска Банка сметаат дека политичката криза си го направила своето и дека растот ќе забрзува во наредниот период. Проекциите се 3.2% раст наредната и 3.9 отсто во 2019 година.

Во извештајот се наведува дека зголемувањето на економијата главно ќе биде резултат на зголемените социјални бенефиции и плати во државата, а не на инвестициите и извозот.

Само фабриките на странските компании во индустриските зони ќе бидат поголем контрибутор кон растот. Инвестициите ќе се зголемат само за 0.6%.

Од Светска Банка алармираат дека мора да се намалат високите трансфери кон државниот фонд за пензиско осигурување кои оваа година достигнаа половина милијарда евра, како и правилно распоредување на парите кои се издвојуваат за социјални бенефиции.

Очекувањата на Светска Банка се дека јавниот долг од 39% од БДП годинава според нивните пресметки ќе достигне 42% од БДП во наредните две години, а заедно со оној на јавните претпријатија и другите органи на управата да биде 53.7%.

Очекувањата на Светска Банка се дека стапката на невработеност годинава ќе падне на 22%, а во следните две години на 20.4 односно 19.4%. Сепак, сметаат дека активните мерки за вработување не треба да резултираат со помалку придонеси во државниот буџет.

 

 

 

16.11.2017 - 22:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега