Утре е крајниот рок за поднесување амандмани за законот за јазиците

Рокот за поднесување амандмани за предлог-законот за употреба на јазиците истекува утре, понеделник. Парламентарните партии работат на подготовка на амандманите и сите освен ДУИ, велат дека законот има потреба од корекција.

ВМРО-ДПМНЕ ќе интервенира во делот во кој, според нив, се загрозува македонскиот јазик.

Од СДСМ велат дека ќе поднесат амандмани во насока на разјаснување на дилемите околу казните што ги предвидува законот и на обвинувањата дека тој ќе го загрози унитарниот карактер на Македонија.

Движењето Беса преку амандмани ќе бара официјализирање, а не само унапредување на употребата на албанскиот јазик.

„Ние ќе направиме соодветни интервенции со амандмани во насока на целосно официјализирање на албанскиот јазик како што е предвидено во заедничката декларација на албанските политички партии.“ – изјави Реџеп Мемеди, Беса

Од ДУИ признаваат дека предлог-законот не го изедначува албанскиот со македонскиот. Според нив, на целосно изедначување на јазиците треба да му претходат уставни промени.

Предлог-законот за употреба на јазиците ќе се најде на дневен ред во Комисијата за европски прашања на 22 ноември. По три дена дебата, ќе оди во законодавно- правната комисија, а потоа на пленарна седница каде се очекува долга дебата.

 

 

 

19.11.2017 - 10:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега