Мета: Да соработуваме наместо да судиме за прашања од минатото

Албанија се залага за почитување на малцинските заедници, нивниот идентитет и култура. Имаше измени на законот, кој ја регулира оваа област и кој беше во согласност со европските стандарди, изјави албанскиот претседател Илир Мета на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов, запрашан за неодамнешното признавање на бугарско малцинство во Албанија. - Албанската Влада и Парламентот покажаа максимална флексибилност и толеранција во оваа насока, но ова не значи дека ќе охрабруваме дејствија кои не се соодветни со реалноста во Албанија околу малцинствата, потенцира Мета. Тој посочи дека лично ќе се заложи за поддршката на македонската заедница во Албанија. - Ние се гордееме со исклучителните вредности на македонската заедница во Албанија и јас го уверив претседателот Иванов дека во текот на мојот мандат ќе давам поддршка на оваа етничка заедница со цел зајакнување на нивниот идентитет и положба затоа што тие претставуваат вистинска вредност за нашата земја, рече Мета. На новинарско прашање, Иванов и Мета потврдија дека на средбата станало збор и за градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко кој се наоѓа во притвор во Македонија. Иванов притоа посочи дека пренел и до Владата дека здравствената состојба на Темелко е нарушена и дека се доведува во прашање, како што рече, дали ќе може да го преживее овој судски процес. И албанскиот претседател Мета ја искажа загриженоста бидејќи, како што рече, сепак станува збор за државјанин на Албанија. - Секој државјанин треба да ги почитува законите на државата чиј државјанин е. Во случајот со Темелко е што тој има државјанство и на Република Македонија и на Република Албанија. Ја искажав мојата загриженост и на оваа средба и на средбата порано со Џафери. Се работи за јавна личност, за градоначалник на општина, но и за лице кое има лоша здравствена состојба, рече Мета. Иванов на прес-конференцијата посочи дека она што најмногу ги поврзува двете земји се Македонците во Албанија и Албанците во Македонија. - Констатиравме дека тоа најмногу не поврзува. На Мета му искажав благодарност за неговата досегашна грижа за Македонците во Албанија, за сите негови напори за унапредување на нивната состојба. Има поединечни случаи кои не треба да се генерализираат и секој пат треба да ја гледаме големата слика и да ги поттикнуваме сите позитивни примери кои ги подобруваат односите меѓу двете земји, рече Иванов. - Подобро е да го трошиме времето работејќи заедно, давајќи си поддршка едни на други и при тоа сите да имаме придобивка од оваа соработка и взаемно разбирање, отколку да си судиме едни на други за прашања поврзани со минатото. Во оваа насока Македонија и Албанија се пример за соработка во целиот регион, рече Мета. Запрашан во врска со законот за употреба на јазиците кој ја помина првата фаза дали ќе го стави својот потпис кога ќе дојде кај него, Иванов рече дека ќе се произнесе по него откако законот ќе дојде во неговиот кабинет. - Со внимание ја следев расправата за законот, кога законот ќе пристигне кај мене ќе се произнесам по него. Тоа мора да биде во согласност со Уставот и законските прописи.

 

 

 

20.11.2017 - 13:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега