Заев: Соживотот се учи од мали нозе, да создадеме генерации без предрасуди

Во концептот „Едно општество за сите“ се препознаа огромно мнозинство граѓани на Македонија и затоа толку масовно застанаа зад него. Владата е цврсто одлучна да го спроведе на дело затоа концептот ја обезбедува иднината на земјава, изјави денеска премиерот Зоран Заев на промоцијата на Проектот за меѓуетничка интеграција на младите на образованието на УСАИД.

Тој истакна дека младината е денешнината и утрешнината на Македонија и дека младите луѓе се главниот потенцијал за постојан развој на земјава.

- Колку порано ги тргнеме бариерите на нивните патишта, по толку почист пат ќе одат и ќе може да се фокусираат на вистинските вредности. Тие вредности не се кој си, туку што носиме во себе, колкав потенцијал, каде може тој да се насочи за да им се обезбедат работни места според нивните капацитети, а со тоа и стабилна егзистенција. Тоа може да го препознаеме и насочуваме најмногу преку квалитативен, интегративен, образовен процес. „Општество еднакво за сите“ подразбира и образование еднакво за сите, вели Заев.

Заев рече дека соживотот се поттикнува и се учи од мали нозе и на тој начин се создаваат генерации без предрасуди, млади луѓе кои ги знаат своите права, но и одговорности, кои критички размислуваат, преземаат акции за менување на нештата на подобро.

Според премиерот, проектот има исклучително важен придонес во процесот на образованието и воспитувањето на младите луѓе во духот на демократските вредности и мултиетничката кохезија кон што се развива земјава.

Американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, рече дека проектот има за цел Македонија да се развие во енергично, разновидно и инклузивно општество.

- Разновидноста е една од најсилните страни на оваа земја. Таа е една од најсилните адути и на САД. Секое мултиетничко општество мора да научи дека сме ние посилни токму поради постоењето, а не поради отсуството на различноста, рече Бејли.

Посочи дека младите луѓе ќе го утврдат правецот по кој се движи долгорочниот развој на Македонија и оти ќе се соочат со многубројни предизвици, но важно е притоа да им се помогне да ги развијат алатките што ќе им бидат потребни за да ги анализираат и да одговорат на овие предизвици.

- Пред неколку децении, д-р Мартин Лутер Кинг Џуниор, рече: Нашиот опстанок зависи од нашата способност да останеме будни, да се прилагодуваме на нови идеи, да бидеме претпазливи и да се соочиме со предизвикот што го носат промените“, истакна Бејли, додавајќи дека целта на проектот е младите луѓе директно да ја почувствуваат важноста на толеранцијата и почитувањето на другите. 

Дескоска УСАИД

Министерката за образование Рената Дескоска истакна дека креативноста и воведувањето иновативни практики се предуслов за обезбедување на успешно образование, кое одговара на потребите на сегашноста, но и иднинатa. 

- Свесни сме за неограничениот потенцијал, енергија и идеи на младите луѓе. Наша заедничка обврска е да го канализираме тој потенцијал, и да им дадеме можности и примери како истиот конструктивно да го искористат. Сакаме таа енергија да биде насочена кон развивањето на граѓански дух, и активно вклучување на младите во демократските процеси во училиштето, но и надвор од него, рече Дескоска. 

Таа додаде дека проектот развил мобилна апликација, наречена ЕдуМобМк, која овозможува успешните приказни за меѓуетничка соработка од училниците и добрите примери за граѓанско вклучување на учениците, а целта е подобра информираност на училиштата и поттик за професионална соработка меѓу наставниците, но и давање позитивен пример на младите.

Целта на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието е подобрување на меѓуетничката интеграција преку овозможување позитивни интеракции меѓу младите луѓе од различно етничко потекло на ниво на училиште и на ниво за заедница и негување на демократски и граѓански вредности и однесувања, како и волонтерски практики меѓу младите.

Проектот е петгодишна иницијатива вредна 5,8 милиони долари и во негови рамки ќе се остварува соработка со заинтересираните страни, како поддршка на напорите на Владата за зајакнување на етничката кохезија и граѓанските вредности.

Европската команда САД ќе работи во партнерство со УСАИД на овој Проект, обезбедувајќи 1,5 милиони долари за реновирање на училиштата во текот на следните пет години.

 

 

 

24.11.2017 - 13:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега