Македонското Собрание во портокалово - дел од глобалната кампања против родово насилство

Со осветлување во портокалова боја, Собранието на Република Македонија вечерва заедно со други значајни знаменитости на планетата стана дел од глобалната кампања за поддршка за ставање крај на насилството врз жени и девојчиња со што беше означен почетокот на „16 дена активизам против родово базирано насилство“.

На настанот кој го организираа семејството на Обединетите нации и Собранието на РМ се обратија претседателот на Парламентот Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и Луиза Винтон постојанта претставничка на УНДП во Македонија. 

Претседателот на Собранието Џафери истакна дека во нашето општество сеуште се присутни предрасудите и стереотипите кога станува збор за родовата рамноправност, сеуште е присутно семејното насилство и други негативни појави во кои жртви се жените и девојките. Според него, Собранието најмногу може да придонесе  и да одигра значајна улога во борбата против оваа појава користејќи ги механизмите кои ги има на располагање согласно Уставот, законите и деловникот, а тоа се јавните дебати, надзорните расправи се до иницирање законски процедури за измени и дополнувања на законите или донесување нови законски решенија  за оваа проблематика. 

- Родовата рамноправност е динамична категорија која треба постојано да се следи и надградува. Како субјекти сме обврзани на еден активен пристап во борбата против какво било насилство врз жените почнувајќи од домашните насилства па се до меѓународната трговија со луѓе, пред се со жени и девојки кои најчесто се ставаат во класично сексуално ропство. Тој активен пристап, никако не смее да застане само на овие шеснаесет дена, туку треба континуирано да се практикува, се додека не прерасне во секојдевна навика и грижа за ова категорија на луѓе, рече Џафери.

Премиерот Заев од името на Владата порача дека никој не треба да биде изоставен и дека треба да се стави крај на насилството врз жените и девојките. 

- Насилството врз жените е кршење на човоеквите права. Ние како Влада ветимве пред граѓаните на РМ дека ќе работиме на унапредување на човековите права и затоа сме посветени на системско унапредување на родовата еднаквост и елиминирање на сите форми на насилство врз жените. Работиме на јасни и недвозмислени законски решенија со кооишто се спречува насилството и се штитат жените жртви на насислтво. Доенсомве одлука за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција). Исто така, се унапредуваат потребните услуги за поддршка и заштита на жените жртви на насилство, рече Заев. 

Тој додаде дека Владата воведе е-модули за родова еднаквост за целата администрација со цел јакнење на нивните капацитети за креирање политики што се родово сензитивни и коишто одговараат на потребите на сите граѓани. 

- Насилството врз жените не е само женско прашање, туку прашање кое се однесува на секој еден од нас. Токму затоа мора да работиме заеднички, да ставиме крај на истото, рече Заев. 

Министерката за труд и социјална политика Царовска истакна дека големите размери на родово базирано насилство во нашата земја покажува дека системот често затајува, не ги штити жртвите и не превенира случаи на насилство.

- Недоволната координација меѓу институциите за справување со причините и последиците од насилството е една од проблематичните точки во системот и тоа е нешто што оваа Влада веќе се обидува да го поправи. Во тој поглед голем чекор напред е усвојувањето на тн. Истанбулска конвенција која периодов треба да се ратификува од страна на Собранието. Прифаќањето на Конвенцијата подразбира воспоставување мерки за ефективна координација помеѓу сите државни институции заради заштита и помош на жртвите и сведоците од сите форми на насилство опфатени со Конвенцијата вклучувајќи упатување до служби за поддршка, рече Царовска.

Таа нагласи дека Министерството за труд и социјална политика како координатор во процесот веќе презема мерки и активности согласно обврските од Конвенцијата и владината програма и активно работи на подготовка за отворање Кризен центар за жртви од сексуално насилство и соодветни протоколи за постапување. 

Постојаната координаторка на ОН во земјата Луиза Винтон цитирајќи ја денешната изјава на генералнит секретар на Светската организација истакна дека „насилството врз жените во основа се однесува на моќта и тоа ќе сопре само кога родовата еднаквост и целосното јакнење на жените ќе станат реалност“.

- Собранието е вистинското место каде треба да се биде денеска, бидејќи тоа не е само „дом на граѓаните“ и храм на демократијата, туку и институција од која очекуваме да направи голем исчекор напред во однос на потребата да се елиминира насилството врз жените по пат на брза ратификација на Истанбулската конвенција, рече Винтон.

Според изнесените податоци во Македонија секоја трета жена е жртва на физичко или сексуално насилство, а половина од жените биле изложени на сексуално вознемирување. Овие податоци се совпаѓаат и со просекот на глобално ниво. Податоците од истражување спроведено од УНДП, од 26 жени кои биле убиени во Македонија во периодот меѓу 2013 и 2016, деветнаесет се убиени од страна на нивните сопрузи, момчиња или други интимни партнери. 

Кампањата „16 дена активизам против родово насилство“ има за цел да ја подигне свеста и да поттикне конкретни чекори кои ќе помогнат да се стави крај на насилството врз жените и девојчињата ширум светот. Се  организира секоја година помеѓу 24 Ноември - Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените и 10 Декември - Меѓународниот ден на човековите права. Во текот на овие 16 дена активизам во земјата ќе се одржат бројни активности кои ќе вклучуваат поддршка од јавни личности од различни сфери, можност сите да постираат свои пораки против насилството за да ја покажат својата поддршка на социјалните медиуми, како и низа дебати и работилници ширум земјата. 

 

 

 

24.11.2017 - 20:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега