Лицата со инвалидитет очекуваат персоналната асистенција да се стави во законски рамки

Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет, „Мобилност-Македонија“ истакна дека лицата со телесен инвалидитет очекуваат персоналната или лична асистенција да биде ставена во законски рамки и да се спроведува по примерот на државите членки на Европската Унија.

- Грижата за социјалниот живот и потполна инклузија на лицата со телесен инвалидитет во сите пори на општеството е возможна само со конкретна поддршка. Услугата персонална асистенција во Македонија досега не беше доволно позната и организирана, но со поддршка на проект од ЕУ обезбедивме практична помош на 70 лица со инвалидитет од повеќе македонски градови, рече Бранимир Јовановски, претседател на Сојузот.

Персоналната или лична асистенција, како што рече, овозможува помош на лицата со потежок телесен инвалидитет да добијат конкретна поддршка поврзана со нивниот социјален живот. Очекува Министерството за труд и социјална политика да преземе конкретни активности за озаконување на оваа услуга за лицата со телесен инвалидитет.

На работилницата во Битола за целите на проектот „Персонална асистенција“ говореше д-р Нико Јанков, која нагласи дека персоналната асистенција претставува систем на планирани и изведувани постапки кај лицата со повисок и највисок степен на инвалидност, со кои се олеснува и се прави поднослив нивниот живот.

- Постапките се прават од обучени специјализирани даватели на услуги, персонални асистенти, на услуги во одреден или неодреден временски период. Во таа смисла, потребна е прецизна законска регулатива и прифаќање на правилата и од корисниците и од асистентите. Во светот се поголема е улогата на заедницата во преземањето на обврските кон лицата на кои им е неопходна персонална асистенција, посочи Јанков.

Јавна поддршка на настанот организиран од Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет „Мобилност-Македонија“ дадоа градоначалникот на општина Битола Наташа Петровска и претседателот на Македонско научно друштво-Битола, Марјан Танушевски. 

 

 

 

26.11.2017 - 14:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега