Денеска започнуваат Божиќните пости: Искористете ги овие денови и преку молива доближите до Бог

Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и во молитва. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник

За православните христијански верници кои се водат според стариот Јулијански календар почнува шестнеделниот божиќен пост. Постот ќе трае 40 дена, односно до Божиќ 7 јануари – Денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божиќ не се менува, постите секоја година почнуваат на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари. Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и во молитва.

Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник. Божиќниот пост е втор по должината на траењето, веднаш по велигденскиот. Во однос на строгоста за употреба на храна божикниот пост е поблаг, бидејќи дозволува да се пие вино, да се јаде масло за готвење и риба. Строгиот пост на вода се налага во првата и последната недела, како и секоја среда и петок. Во Православната црква практика е во текот на божиќниот пост верниците да се исповедаат и по можност да се причестат за да бидат што подостојни во подготовката за празнување на Христовото раѓање – Божиќ. Целта на постот е да се исчистат духот и телото што се постигнува не само со воздржување од масна храна туку и од лоши мисли, зборови и дела.

Телесниот пост кој претставува воздржување од некои јадења во пропишаниот период, мора да биде поврзан со духовниот, бидејќи нема вистински пост без покајание, смирение, љубов кон ближните и размислување за Бога. Под терминот постење во христијанството се подразбира воздржување од масна и обилна храна, како и воздржување од сите грешни телесни задоволства, наслади и уживања во одредени временски периоди во годината. Според христијанството, со постењето се челичи човековиот дух, бидејќи го скротуваме нашето тело и го потчинуваме на духот. Тоа значи дека постои телесен пост, кога телото се воздржува од храна и духовен пост кога душата се воздржува од лоши мисли, зборови и лоши дела. Правилен и вистински пост е само тој пост кога човекот не ги запоставува ниту телесниот, ниту духовниот пост, па се воздржува од секое зло.

Помодарство или вистинска вера

Факт е дека многумина меѓу нас на постот гледаат како на диета и начин да ослабат. Мора да се признае дека, иако после периодот на атеизам, во последниве дваесетина години се случи масовно враќање кон црквата и кон Бога, тоа враќање во голема мерка страда од помодарство.

Всушност, фотороботот на просечниот македонски верник би бил дека верува, ама не знае ниту зошто, ниту како. За жал, само дваесетина проценти од православните Македонци се убедени верници кои го прочитале Светото писмо, кои знаат што е суштината на евхаристијата (Светата причест), кои редовно одат на литургии... Иако реално навистина се зголеми бројот на оние кои освен што ги посетуваат верските објекти за време на големите празници, масовно ги практикуваат и светите тајни, како што се крштавањето или венчавањето, за жал, повеќето од нив не го знаат нивното значење.

Суштината на постот

Во почетокот христијанството проповедало многу ригорозни постови, но со текот на времето постовите станале полиберални. Православните христијани постат без месо, млеко, јајца и масти, а католиците само без месо. Христијанството препорачува таканаречени еднодневни и многудневни постови. Православните и католичките постови се разликуваат и временски поради фактот што се уште во некои православни цркви, вклучувајќи ја и нашата, се почитува таканаречениот стар, односно, јулијански календар во однос со новиот, односно, грегоријанскиот календар, кои се разликуваат за 14 дена. Инаку, постот е востановен уште во Стариот Завет кога Бог им забранува на прародителите да јадат од дрвото на познавањето на доброто и злото. Во Стариот завет имаме многу примери за пост: светиот пророк Мојсеј Боговидец постел 40 дена и 40 ноќи за да се подготви да ги прими Десетте Божји заповеди; светиот пророк Илија со строг пост, духовна чистота и голема ревност за Господа се удостоил да ја види Божјата слава, а, пак, светиот Јован Крстител е познат како најголем и најстрог испосник. Воопшто, сите праведници постот го запазувале во помала или поголема мерка. Самиот Господ Исус Христос се подготвил за сеопшто служење и за искупителниот подвиг преку 40­дневен пост (Матеј 4, 2). Во проповедта на планината ги учел своите следбеници каков треба да биде вистинскиот пост: „Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата мрачни, за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам, оти тие ја добиле веќе својата награда. А ти, кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно" (Матеј 6,16­18). Оние кои поверувале во Христа започнале да постат уште во времето на апостолите. Првите христијани постеле строго, често и продолжително, за да се подготват подобро за богоугодни подвизи. Во првите векови христијаните постеле не во определено време, туку кога сакале и колку сакале. Во четвртиот век наоѓаме правила и одредби не само за постоечките, Велигденскиот и Петровденскиот пост, туку и за Божикниот и Богородичниот пост.

Четирите поста биле прилагодени кон четирите годишни времиња. Суштината на христијанскиот пост не е умртвување на телото, како што погрешно се мисли, туку умртвување на гревот во нас, зашто гревот предизвикува пропаѓање и смрт. Закрепнувајќи ја волјата, постот му дава можност на духот да владее со телото. Кога христијанинот пости треба да се откаже од секакви световни веселби и задоволства, од посетување на места каде што е возможно да згреши со помисла, збор или со поглед. Воопшто, треба да се стремиме, колку што е можно повеќе, поголем дел од мислите да му ги посветиме на Бога и на тајната умносрдечна молитва. Исто така, вистинскиот пост и молитвата постојат само во Црквата и никогаш надвор од неа. Тоа значи дека тој што пости и се моли треба да е крстен, да се причестува, да се исповеда, да ги почитува и да учествува во сите други Свети Тајни на Црквата.

 
 

 

 

28.11.2017 - 09:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега