Пратеник може да биде приведен - за притвор и одземање на имунитетот решава Собранието

Пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, предвидува членот 64 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на овој член, пратеникот може да биде повикан на кривична одговорност или да биде проитворен за искажано мислење или за гласање во Собранието.

Собранието, според членот 64 од Уставот, може да одлучи да се примени имунитет над пратеник и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник.

Во член 65 од Уставот стои дека на пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишаа казна затвор од најмалку пет години. На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично дело или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци.

Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со дво-третинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во денешните апсења и приведувања на дел од учесниците во немилите настани во Собранието на РМ од 27 април годинава, има и неколкумина пратеници, кои, согласно Законот за пратеници и Деловникот за работа на Собранието, во оваа фаза од постапката можат да бидат само приведени. За секој натамошен чекор на Основното јавно обвинителство, кое, како што МИА веќе објави, се гонат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во случајот на пратениците ќе треба да се консултура претседателот на Парламентот, Талат Џафери, и Комисијата за деловнички и мандатно имунитетну прашања, што ќе треба да одлучува за евентуалното одземање на нивниот пратенички имунитет. 

Согласно Деловникот, пратеникот ужива имунитет од денот на верификација на мандатот до денот на неговиот престанок. Според член 53 од Деловникот за работа на Парламентот, барањето за одобрување притвор на пратеник, надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието.

Известувањето дека пратеникот е притворен затоа што е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието.

Надлежниот орган го известува претседателот на Собранието за притворот на пратеникот и во случај кога тој не се повикал на имунитетот.

Претседателот на Собранието, барањето за одобрување притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Претседател на оваа комисија во овој состав на Парламентот е пратеникот од СДСМ, Павле Богоевски, негов заменик е партискиот колега, Петар Атанасов, а членови Мирослав Јовановиќ, Александар Кирацовски, Сашко Костов, Агим Шаќири, Трајко Вељаноски, Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски и Борис Змејковски. Заменици членови се Горан Мисовски, Хари Локвенец, Сашко Атанасов, Мирсада Емини - Асани, Владимир Ѓорчев, Невенка Стаменковска, Никола Попоски и Зоран Ѓорѓиевски.  

Комисијата, според Деловникот, е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да го достави извештајот до претседателот на Собранието. За седницата на Комисијата се известува и пратеникот на кого се однесува барањето.

Врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно-
имунитетни прашања, Собранието најдоца во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот, одлучува по барањето.

По известувањето за притворање пратеник, кој не се повикал на имунитет, Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник, ако тоа е потребно за вршење на функцијата пратеник.

На пратеникот му престанува мандатот или може да му биде одземен мандатот само во случаите и на начин утврдени со Уставот, закон и овој деловник. 

Според членот 58 од Деловникот, за пратеникот осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во трање од најмалку пет години, известување до претседателот на Собранието доставува судот кој ја изрекол казната. Претседателот ова известување веднаш го доставува до пратениците.

На пратеник, кој е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, му престанува мандатот. Собранието на првата наредна седница констатира дека на пратеникот му престанува мандатот на денот кога е осуден.

За пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието доставува судот кој ја изрекол казната.

Претседателот известувањето веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно - имунитетни прашања.

Предлог за одземање на мандатот на пратеник поднесува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието.

Претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот. 

МИА потсетува дека на 27 април годинава во македонскиот Парламент имаше насилен упад од организирана толпа луѓе, кои се обидоа да се пресметаат со пратениците на новото парламентарно мнозинство. Полицијата цели два часа не реагираше на агресијата во која беа нападнати и повредени премиерот Зоран Заев, лидерот на Алијанса на Албанците Зијадин Села и неколкумина пратеници на СДСМ. За влезот на толпата во Парламентот беа посочени пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои денеска се дел од приведените. 

 

 

 

28.11.2017 - 12:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега