Иџет Меџити: За Министерството за здравство како да не постоеше Народен Правобранител

Министерството за здравство е една од институциите со која Омбудсманот изминативе години имал најголем проблем во комуникацијата. Иџет Мемети во интервју за Прес24, вели дека ова министерство се однесувало како Народниот Правобранител воопшто и да не постои.

-Се додека свеста кај сите чинители во општеството не дојде на ниво дека не партијата на која и припаѓа, туку исклучиво законот и почитувањето на правата на граѓаните треба да им биде на прво место, нема да можеме да зборуваме за почитување на човековите слободи и права, вели во интервју за Прес24, Народниот Правобранител Иџет Мемети.

-Или да упростам, се додека некој чиновник смета дека тој ги дава правата онака како што тој мисли, а не по словото на законот, ние ќе имаме проблем со почитувањето на правата, посочува Мемети во интервјуто.

Омбудсманот и во последниот извештај пред Парламентот констатираше дека во Македонија нема подобрување на почитувањето на човековите права, нешто што со години само се констатира без какви било промени.

- Кога велам нема подобрување мислам на фактот што со години наназад дел од констатациите на народниот правобранител се повторуваат, а тоа не е добро. Земете го на пример затворскиот систем. Јас сум скоро 12 години на чело на институцијата и исто толку време во редовните годишни извештаи, но и во сите посебни извештаи кои сме ги направиле со цел да ги потсетиме властите ние констатираме катастрофален затворски систем, нехумани услови за престој и урнисан здравствен систем, ако може и да се нарече така затоа што го нема не постои. Исто така, ако со години наназад упатувам јасни критики дека управното судство не само што не функционира, туку работи на штета на граѓаните, а никој за тоа не реагира, не отвора макар и дебата за да ги согледа состојбите ете тоа значи нема подобрување, вели Мемети за Прес24.

-Виновни се оние кои или не сакаат или не знаат да ги спроведат законите со кои им се гарантирани правата на граѓаните. За жал администрацијата кај нас не е во служба на државата туку е во служба на партиите. Се додека администрацијата не разбере дека без разлика од која партија е примена, бидејќи не е тајна дека во Македонија се вработува по партиски клуч, треба да работи професионално, квалитетно и ефикасно, нема да има промени во констатациите во годишните извештаи на народниот правобранител. Крајно, не е проблем Институцијата народен правобранител,  или јас како народен правобранител и извештаите, туку проблемот е тоа што од сето ова штета трпат граѓаните, потенцира во интервјуто за Прес24, Народниот Правобранител, Иџет Мемети.

ПРЕС24: Дали последните настани во Парламентот поврзани со извештајот на Народниот правобранител всушност беа класична слика на односот на политиката кон Омбудсманот како институција, или пак, беа слика за односот на политика кон човековите права?

МЕМЕТИ: Повеќе би рекол дека е ова второто, односот на политиката кон човековите права, кои со години наназад кај нас  беа маргинализирани, иако за секоја демократска државата тие треба да бидат врвен приоритет. Без почитување на правата на граѓаните нема просперитетна држава. Во врска со настаните во парламентот јас веќе кажав дека бев зачуден од тоа колку малку пратениците се запознале со измените на Законот за Народниот Правобранител, според кој токму тие се должни да изгласаат  мерки за спроведување на препораките на народниот правобранител за надминување на констатираните состојби содржани во неговиот извештај, а со  кои ќе ја задолжат владата да постапи по нив и за тоа да ги информира после шест месеци. Уште повеќе загрижува тоа што овие измени се дел од препораките на Прибе, за кои последниве неколку години многу се зборуваше. Впрочем пратениците се избрани од граѓаните и треба да работат за граѓаните, не за Иџет Мемети, а овие мерки се токму во таа насока подобрување на состојбите во оние области каде народниот правобранител во неговиот извештај за степенот на обезебедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права утврдил повреди.

Да појаснам станува збор за околу 70 мерки во разни области на живеењето како што е полициските овластувања ,граѓанските состојби, социјалната сигурност и заштита, пензиското и инвалидското осигурување, затворскиот систем. Сметам дека еден партнерски однос на релација Омбудсман - Парламент е вистинската алка за подигнување на степенот на заштитата на правата на граѓаните. Само преку едно такво партнерството може да се врши ефективна-ефикасна контрола над оние кои треба да ги спроведуваат законите со кои ,пак,  им се гарантираат правата на граѓаните. Настаните во Собранието, посебно моментот кога пратениците собраа сили да признаат дека згрешиле и само за неполни 24 часа ги усвоија  мерките е добар сигнал за нашата понатамошна соработка и градење на ова за што погоре го кажав - партнерски однос.

ПРЕС24: Дали човековите права во Македонија се третирани како второстепено или третостепено прашања, на кое освен за политички манипулации, партиите и политичарите  не му го дава потребното внимание, тогаш кога треба тие да се имплементираат?

МЕМЕТИ: Мислам дека дел од ова прашање веќе ви одговорив. Се додека свеста кај сите чинители во општеството не дојде на ниво дека не партијата на која и припаѓа, туку исклучиво законот и почитувањето на правата на граѓаните треба да им биде на прво место, нема да можеме да зборуваме за почитување на човековите слободи и права. Или да упростам, се додека некој чиновник смета дека тој ги дава правата онака како што тој мисли, а не по словото на законот, ние ќе имаме проблем со почитувањето на правата. Ако некој мисли дека имплементирањето на правата може да биде дел од политичка манипулација тогаш треба да знае дека барем граѓаните тоа го препознаваат и знаат да го казнат.

ПРЕС24: Вие во Вашиот говор јавно ги прозвавте претставниците на Владата дека не се заинтересирани за човековите права, а тоа го потврдува нивното не присуство на седницата на Парламентот. Тоа се случувало и годините претходно....Прашањето ми е, од каде доаѓа ваквиот однос кон оваа тема?

МЕМЕТИ: Односот кон човековите права е огледало на политичката и демократската култура. Барем јас така гледам на работите. Извештаите, критиките, констатациите  кои ги дава народниот правобранител не се со цел критика заради критика бидејќи тие се патоказ за подобрување на состојбите во општеството. Можеме да ги напишеме најсовршените закони,  на хартија да ги гарантираме сите права на граѓаните, но ако не ја смениме свеста дека нивното почитување е во интерес на сите, тогаш нема да можеме да кажеме дека сме демократска просперитетна држава. Во оваа смисла и Владата, односно премиерот и министрите во работењето треба да се раководат од ваквите принципи.

ПРЕС24: И додека тема во јавноста останува незаинтересираноста на властите, статистиката што ја соопштивте покажува раст на случаите на повреда на човековите права. Во извештајот велите дека не се констатирани позитивни промени, туку стагнација, а во некои области и назадувања. Кој е виновен за ваквата состојба?

МЕМЕТИ: Виновни се оние кои или не сакаат или не знаат да ги спроведат законите со кои им се гарантирани правата на граѓаните. За жал администрацијата кај нас не е во служба на државата туку е во служба на партиите. Се додека администрацијата не разбере дека без разлика од која партија е примена, бидејќи не е тајна дека во Македонија се вработува по партиски клуч, треба да работи професионално, квалитетно и ефикасно, нема да има промени во констатациите во годишните извештаи на народниот правобранител. Крајно, не е проблем Институцијата народен правобранител,  или јас како народен правобранител и извештаите, туку проблемот е тоа што од сето ова штета трпат граѓаните и остварувањето на нивните права.

ПРЕС24: Кога велите нема подобрување, што подразбира тоа?

МЕМЕТИ: Кога велам нема подобрување мислам на фактот што со години наназад дел од констатациите на народниот правобранител се повторуваат, а тоа не е добро. Земете го на пример затворскиот систем. Јас сум скоро 12 години на чело на институцијата и исто толку време во редовните годишни извештаи, но и во сите посебни извештаи кои сме ги направиле со цел да ги потсетиме властите ние констатираме катастрофален затворски систем, нехумани услови за престој и урнисан здравствен систем, ако може и да се нарече така затоа што го нема не постои. Исто така, ако со години наназад упатувам јасни критики дека управното судство не само што не функционира, туку работи на штета на граѓаните, а никој за тоа не реагира, не отвора макар и дебата за да ги согледа состојбите ете тоа значи нема подобрување. Што да се каже за проблемите кои ги имаа граѓаните со наплатата на радиодифузната такса, за која јас јавно кажав дека беше смислен систем за незаконско земање на пари од граѓаните, потоа за работата на извршителите, за кои во голем број на случаи сме утврдиле самоволие во постапувањето и за тоа никој досега не одговара. Да заклучам со состојбата на со години не казнувањето на полицајците кои во вршењето на службата прават злоупотреби и применуваат тортура, а моите пријави за таквите случаи од јавното обвинителство се отфрлаат без соодветно образложение.

ПРЕС24: Каков е односот на прекршувачите на човековите права кон констатациите што ги регистрира Омбудсманот, има ли фидбек на соработка?

МЕМЕТИ: Многу пати сум кажал дека поединечните препораки на народниот правобранител, значи оние кои ги упатувам до надлежните органи и организации, а се однесуваат за конкретни случаи значи по поднесени претставки од граѓаните во најголем број се прифаќаат и тоа го сметам за добра соработка. Тоа значи дека органот на кој се однесувала претставката увидел дека го прекршил законот, а со тоа и некое загарантирано право и ја исправил грешката. Но за примена на општите препораки досега како да имаше отпор, или едноставно игнорантски однос.

Кога станува збор за соработката не можам, а да не споменам неколку институции кои со години наназад не само што им ги прекршуваат правата на граѓаните, туку не одговараат ниту на мои препораки, ниту на посебните извештаи кои се полни со податоци за лошите состојби кои сме ги утврдиле Како пример би го навел Министерството за здравство кое со години наназад го игнорираше народниот правобранител, или се однесуваше како таква институција да не постои. Во министерстките кабинети завршуваа и иницијативите за измени и дополнувања на одредени закони, чијашто примена оди на директна штета на граѓаните. Како пример би ги посочил иницијативите за изменување и дополнување на законот за даночната постапка и законот за даноците на имот, дадени уште во 2014 година, а кои ги поднесовме со цел институциите да не ги оставаат граѓаните без никакви средства за егзистенција, блокирајќи им ги трансакциските смети во банка. Истиот проблем го имавме и со скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ на кое иако со години му укажувавме дека незаконски работи со испраќање на таканаречени „вонредни фактури“ на граѓаните, не добивме никаков одговор. За каков фидбек, на соработка може да стане збор ако ги земете предвид само наведените примери, кои не се единствени.

ПРЕС24: Каде најмногу се кршат човековите права?

МЕМЕТИ: Ако зборуваме со бројките, во последните неколку години на прво место се предметите од областа финансии каде спаѓа наплатата на радиодифузната такса и разните даноците, потоа следуваат потрошувачките права, па претставките во областа правосудството, работните односи, имотно-правните односи ит.н.

ПРЕС24: Дали граѓаните се изложени и на некој вид системски процес на кршење на човековите права. Ова во смисла на тоа дали има случаи кога кршењето на човековите права доаѓа како резултат на некакви позиции ставови на државни институции?

МЕМЕТИ: Кога станува збор за прекршување на човековите слободи и права воопшто не е битно дали се тие системски или индивидуални. Она што е битно е дека некој си земал за право да не го спроведе законот, односно да попречи друг во остварување- уживање на некое право. Посебна тежина има фактот ако некој сметајќи дека тоа му го дозволува функцијата, носи прописи, со кои создава систем кој генерира појави на масовни прекршувања на човековите права. Замете го само примерот со незаконското прислушување, кое благодарејќи на лошо поставениот законски систем и отсуството на каква било независна контрола им го повреди правото на приватност и семеен живот на повеќе од 20 илјади граѓани.

ПРЕС24: Колкав е капацитетот на институцијата Омбудсман, дали има доволен капацитет, кадровски и финансиски да одговори на сите потреби на граѓаните?

МЕМЕТИ: За овој проблем повеќе пати сум зборувал во јавноста, и не само во јавноста туку сум ги информирал и надлежните институции, пред се Парламентот и Владата од причина што поради недостатокот на финансии и кадровски капацитети се доведува во прашање ефикасното вршење на функцијата на институцијата да ги штити правата на граѓаните. На Прибе му беа доволни само неколку часа престој во канцеларијата за да ја утврди оваа состојба и потоа да ги даде најсилните препораки токму во овој дел кога зборува за Омбудсманот. Од 2009 година па до денес, значи полни осум години во институцијата Народен Правобранител нема ниту едно ново вработување, а во тој период си заминаа чинам 17 вработени. Новиот мандат што го добивме во 2009 година да превенираме од тортура веќе две години го извршуваме со донација на УНХЦР од причина што не ни беше дозволени пополнување на испразнетите места. Со последните измени и дополнувања на Законот за Народниот Правобранител институцијата доби и нови надлежности, кои доколку и понатаму продолжи трендот на недавање согласност за вработување од страна на министерството за финансии, истите практично нема да може да се извршуваат и ќе останат само про-форма.

ПРЕС24: Ова што Вие го имате како бројка се регистрирани случаи по пријави од граѓаните до Народниот правобранител. Но во Македонија луѓето најчесто остануваа да живеат со проблемот. Што е пресудно, стравот да се пријави, недовербата во институциите... или пак сосема нешто друго?

МЕМЕТИ: Па би рекол по малку од двете и страв и недоверба во институциите, иако ова второво е попресудно. И повторно би го споменал Прибе, кој одлично ја скенираше состојбата во земјата и кој посочи дека имаме нефункционални институции. Тоа и граѓаните го гледаат и чувствуваат, талкајќи по лавиринтите на институциите, исцрпувајќи се да докажат дека им следува или дека им е прекршено некое право. Ако државата се дрзнала да им влезе во едно од најчувствителните области-приватноста, за каква доверба може да стане збор.

ПРЕС24: Што мислите колкава е реалната бројка на случаи на повреда на човековите права заедно со оние кои одлучуваат да одмолчат?

МЕМЕТИ: Јас можам да зборувам само за поплаките кои ги добивам од граѓаните, а кои според мене ја одразуваат реалната состојба со човековите права. Земено регионално, а споредено со бројот на жители во земјата мислам дека кај нас имаме најголем број на претставки кои се поднесуваат до Народниот правобранител. Молчењето не е метод на решавање на проблемот и токму затоа ги охрабрувам граѓаните секогаш кога сметаат дека им е прекршено некое право ако ништо друго барем да се обратат до Народниот правобранител.

ПРЕС24:Каде лежи проблемот, дали граѓаните во Македонија се доволно информирани за можноста дека некој може да застане на нивна страна во процесот на одбрана на нивните права? 

МЕМЕТИ: Недовербата кон институциите, односно нивната партизираност, нестручност и нефукционалноста е главна причина за летаргичноста на граѓаните кога станува збор за остварувањето заштита на нивните права. Инаку секако дека сите треба да се менуваме, да стануваме потранспаренти и да ги промовираме човековите права и начинот на нивна заштита со цел ваквите состојби да се сменат, за во догледно време да може да кажеме дека сме ги достигнале европските стандарди на добро административно управување и дека навистина имаме администрација која работи исклучиво за граѓаните.

 

 

 

 

 

 

 

02.12.2017 - 12:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа