Заев: Македонија треба да биде во новиот пакет за проширување на ЕУ

 

Македонската Влада и ЕУ вложија огромни напори за повторно враќање на Република Македонија на брзиот пат кон членство во ЕУ, истакна премиерот Зоран Заев на дебата во Брисел посветена на Македонија потенцирајќи дека резултати има, но и несомена политичка волја. Македонија, смета тој, треба да биде во новиот пакет за проширување, бидејќи тоа ќе ја стабилизира и ќе отвори перспективи. 

- Сега е време да ги искористиме овие напори. Ние продолжуваме да даваме резултати со силна посветеност и несомнена политичка волја. Иако се соочуваме со сериозни предизвици во домашни услови. Имајќи го тоа на ум, апелираме до ЕУ да одговори со визионерски пристап и да обезбеди одлука за отпочнување на преговори за пристапување во првата половина од 2018 година, рече Заев на трибината на тема „Македонија по шарената револуција: Нови можности за успешно пристапување во ЕУ“, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт, соопшти неговиот Кабинет.

Заев, како што соопшти неговиот Кабинет, потенцирал дека владините политики имаат за цел да ја убедат Европската комисија, како наш партнер и водич за исполнување на македонската стратешка цел да стане членка на ЕУ, дека Република Македонија е најдобрата успешна приказна во 2017 година, и дека како таква, нашата земја може многу да придонесе за добрососедските односи, регионалната соработка, стабилноста и безбедноста на регионот на Западен Балкан и во Европа.

Главниот фокус на Планот 3-6-9 во наредниот период, информирал Заев, е на судството, контрола на следењето комуникации, реформите во јавната администрација и доброто управување, како и на други, исто толку важни области.

Од аспект на очекувањата од новата стратегија за проширување на ЕУ, македонскиот премиер истакна дека очекувањата на Македонија се дека процесот ќе биде колку што е можно поинклузивен, со отворање можност за секоја земја да напредува колку што е можно побрзо во процесот на пристапување, врз основа на сопствените заслуги.

- Република Македонија ќе се стреми да се израмни и да влезе во групата предводници во тој процес. Ние сме во таков процес повеќе од 12 години. Добро ги познаваме инструментите на политиката за проширување. Можеме лесно да се израмниме. Треба да бидеме во пакетот. Тоа ќе не стабилизира подолгорочно и ќе отвори перспективи, истакна Заев.

Очекувањата од ЕУ, според него, се силно да биде потврдена посветеноста на проширување со земјите-кандидати за Западен Балкан, како што беше направено во Солун во 2003 година и да се постави предвидлива временска линија за пристапување, доколку се исполнети критериумите.

Од страна на Владата на Република Македонија, потенцираше тој, постои јасна и неспорна посветеност и енергија за испорака на аргументи.

- Вистинските испораки на резултати се нашиот билет, без кој не можеме да побараме да очекуваме одлука за започнување на преговорите за пристап. Вложуваме напори за повторно воспоставување на Република Македонија како кредибилен партнер на своите меѓународни пријатели, рече Заев.

Заменикот генералниот секретар и политички директор на Службата за надворешни политики на ЕК Кристоф Белјар, и европарламентарката и Заменик претседател на групата Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите во Европскиот Парламент Тања Фајон, на оваа трибина, како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, ја истакнаа позитивната приказна на Република Македонија, како и нејзината улога во регионот, и нагласија дека очекуваат позитивен исчекор на ЕУ во однос на отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ на нашата земја.

Заев на дебата беше придружуван и од македонската делегација во чиј состав се вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за надворешни работи никола Димитров, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски. На трибината организирана од Фондацијата „Фридрих Еберт“, учествуваа голем број европски политичари од различни партии, дипломатски претставници во Брисел, претставници на академската јавност и на голем број тинк-тенк организации претставени во европската престолнина

 

 

 

06.12.2017 - 14:28
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега