Дескоска: Учебници и наставен кадар за квалитетно образование на припадниците на заедниците

Обезбедување соодветни учебници за заедниците кои се помалку од 20 отсто во Македонија и надминување на десетгодишната пракса на босанскиот јазик како експериментален во наставата. Веќе е формирана работна група во МОН која ги даде своите први препораки и сега на потег е Бирото за развој на образование да ги достави наставните планови, кои треба да бидат усвоени во министерството и реализацијата да почне. 

Ова денеска го соопшти министерката за образование и наука Рената Дескоска на дебатата за унапредување на остварувањето на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението. Таа ја нагласи нејзината заложба и на Владата за обезбедување квалитетно образование на јазикот на заедниците, кој им следи според Уставот и законите. 

- Градење соодветен наставен кадар е еден од најголемите предизвици бидејќи ние можеме на хартија се да воспоставиме, може да се преведат или напишат најдобрите учебници, но ако немате соодветен кадар кој тоа ќе го ефектуира во наставата, тогаш навистина имаме проблем, рече Дескоска. Потенцира дека е потребна измена на концепцијата и враќање на предметите кои се однесуваат на изучување на јазикот и културата на етничките заедници, без оглед дали има или нема настава на нивниот јазик.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски потенцира дека културата на помалубројните заедници е големо богатство и заслужува почит и внимание. Тој се осврна на Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците во Македонија која функционира како орган во состав на Министерството за култура од 2003 година. Поради неразработената легислатива Управата се уште нема статус на правно лице, нема свој буџет, не може да биде носител на проекти. 

Заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски потенцира дека основа за планирање на застапеноста на припадниците на заедниците на централно и на локално ниво се податоците од последно спроведениот попис на население во Македонија од 2002 година. Според него, долго време немало попис во Македонија и оти тој е неопходен. 

Тој информира дека во институциите од јавниот сектор Турците се застапени со 1,61 отсто, Србите со 1,15, Ромите со 1,10, Бошњаците со 0,45, Власите со 0,43 и други кои не се изјасниле се околу 0,82 отсто. 

Дебатата ја организираа Мисијата на ОБСЕ во Скопје во соработка со Агенцијата за остварување на правата на заедниците.

 

 

 

06.12.2017 - 15:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега