Угостителите се „за“ а лекарите против измените на Законот за заштита од пушење

Угостителите се за, а лекарите против Предлог-законот за изменување на Законот за заштита од пушењето кој е поднесен по скратена постапка. На јавната расправа што денеска се одржа во Собранието едните бараа баланс во законот со што ќе бидат задоволни и пушачите, а другите сметаат дека предлогот е чекор назад во напорите да се намали пушењето кај населението. 

Пратеникот Томислав Тунтев образложувајќи го предлогот нагласи дека целта е бришење на дел од еден став од законот кој го дефинира просторот надвор од угостителскиот објект и дека воопшто не станува збор за дозволување на пушењето таму каде што е забрането или ускратување на правата на непушачите, ниту за легализација на диви објекти.

-  Не размислувавме за либерализација или за укинување на кое било право на непушачите што се стекна низ годиниве со овој закон. Само сакавме да овозможиме еднакви услови за сите угостители, независно во кое место во Македонија е кафулето. Сите да имат исти услови, односно делот што е надвор од објектот, делот што е тераса, летна бавча, што е дефиниран дека мора да биде отворен од три страни и покриен или затворен од три страни или откриен, пушењето каде што и сега е дозволено, да не зависи од моменталните метеоролошки услови, рече Тунтев.

Закон за пушење 2

Д-р Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје која е вклучена во изработката на повеќе студии на СЗО за употребата на тутунот кај тинејџери од 13 до 15 години, рече дека во изминатите години кај младите се бележи значително намалување на пушењето.

- Не можеме да поддржиме нешто што можеби во иднина ќе се одрази неповолно на резултатите што досега ги имаме постигнато кај децата, затоа што сметаме прогресивно дека тие деца ќе пораснат. Ако ние продолжиме добро со овој тренд за непушачи кај деца, тие ќе продолжат да бидат непушачи како возрасни, рече Ќосевска.

Од здруженијата за респираторни заболувања посочија дека 15 различни болести и десет видови канцер се поврзуваат со пушењето  и дека лекувањето на пациентите е поголем товар за буџетот отколку превенцијата. Укажаа на опасноста од терцијарното пасивно пушење односно дека подеднакво штетни се и честичките од чадот на нивната облека додека поминуваат во просторија каде што се пуши. 

Кардиологот Јорго Костов рече дека законот не треба да се либерализа, туку да се надгради за целосно одвикнување од пушење.

- Со овој предлог се подотовора вратата за потоа да има друг чекор назад.  Затоа сум за нулта толеранција. Кога му е загрозен животот од акутен инфаркт, тој веќе не мисли во каква тенда ќе седне, туку веднаш ги остава цигарите, рече Костов. 

Угостителите што учествуваа на расправата рекоа дека предлогот се однесува само за период од четири месеци во кои влијаат временските услови и кога законот, според нив, се спроведува селективно од страна на инспекциите.  Некои од нив кажаа дека се чувствуваат виновни пред докторската фела и дека не се тие што  создаваат услови за пушење, туку дека треба да се работи на превентивата и да се смени свеста кај луѓето, а законот да биде балансиран - и за пушачите, и за непушачите. 

- Од дебатава ќе се добие перцепција дека ние сме тие што го бранат пушењето. Причината што сме собрани овде е да најдеме законско решение точно за оној период од неколку месеци во кој е нарушено работењето од  надворешните околности. Оној што сака да запали цигара го бркаме надвор, на влезот од објектот, да биде изложен на дожд, снег, ветер и потоа да се врати назад, рече угостителот Михаил Мишев од Охрид. 

Марко Трифуновски од Здружението „Клуб еснаф“ од Битола рече дека се работи за мали отстапки со кои, како што рече, луѓето што пушат нема да се чувствуваат дискриминирано.

- Водење сериозен бизнис во зависност од временските услови е несериозно. Ние немаме потреба од пушачи, но луѓето сами го наметнуваат тоа како потреба. Казните се ригорозни и ние не можеме да бидеме полиција и да се замеруваме со гостинот за да ја изгасне цигарата. Тоа не е наша работа, рече Трифуновски. 

Пратеникот Тунтев во образложението презентираше и податоци за пушењето во Македонија, според кои 640.000 луѓе или 37 отсто се пушачи. Граѓаните на Македонија се трети во светот по број на испушени цигари годишно. Македонија има обврска да го намали производството на тутун, а тоа се субвенционира со околу 20 милиони евра годишно од државата зашто е значајна стопанска гранка. 

Зааконот за заштита од пушење е донесен во 1995 и е изменуван и дополнуван осум пати.

 

 

 

14.12.2017 - 14:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега