Средба на Нимиц со преговарачите - прашањето за името може да биде затворено следната година

Од првата средба со медијаторот Метју Нимиц нема конкретен предлог за решавање на спорот со името. Средбата беше обид, по тригодишниот застој, во преговорите да се воспостави контакт, да се создаде атмосфера за отворање на процесот, наведуваат дипломатски извори.

Медијаторот Нимиц по средбата со преговарачите на Македонија и на Грција, Васко Наумовски и Адемантиос Василакис најави нова рунда на разговори за името во јануари, февруари и во март. Тој изрази и оптимизам дека прашањето може да биде затворено во 2018 година.

Првата средба во спорот стар речиси три децении, не може да даде целосна слика за подготвеноста на Грција за компромис, иако и двете страни покажуваат оптимизам за негово решавање, наведуваат дипломатите. 

Во моментов не е корисно да се шпекулира со конкретен предлог за име, бидејќи сега е најважно да се зацврсти подготвеноста да се реши прашањето.

Во целиот процес за Македонија е важно да се стигне до точка кога никој да не може да спори дека сме Македонци, бидејќи идентитетот е  најважен, но, исто така, и отворената перспектива за ЕУ и НАТО. 

Промената на името на аеродромот во Скопје не би требало да биде проблем, како можен прв чекор или гест на добра волја од македонска страна со која ќе ја покаже подготвеноста за изнаоѓање решение. 

Во целиот процес предвид треба да се има и политичкиот контекст во двете земји, како и расположението на јавноста за ова прашање.

Македонската страна е подготвена на промена на пристапот кон целиот проблем, напуштање на чекорите на напади и конфронтации и приближување кон Грција, бидејќи како што појаснуваат дипломатските извори,  со оваа земја треба да сме сојузници, а не непријатели.

Овој исклучително важен процес во земјава, меѓутоа, е отежнат вод случувањата со опозицијата, наведуваат дипломатите, односно наративот што досега се користеше во јавноста, што само придонесуваше за зајакнување на офанзивниот пристап на Атина. Воспоставување на внатрешен консензус не е лесен процес, со оглед на тоа што голем број од носителите на одлуки од редовите на опозицијата се соочуваат со судски постапки, во врска со настаните од 27 април, а исто така и грчката Влада нема единствен став во однос на прашањето, со оглед на позициите за името на министерот за одбрана Панос Каменос 

Покрај се, сепак, повеќе од извесно е дека Македонија ќе биде вклучена во Стратегијата за проширување на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, најавена за февруари 2018 година, а ЕК може да излезе со препорака за почеток на преговорите и пред април, пред објавувањето на нејзиниот редовен извештај за напредокот.

Дипломатски извори велат дека без разлика на околностите и внатрешни и надорешни, сепак постои шанса, што ќе биде  прва по Самитот во Букурешт од 2008 година, и оти ако во 2018 година не се фати возот нема да се знае на какви околности ќе се наиде во Европа, по изборите за Европскиот парламент.

За разлика од 2008 кога притисокот на меѓународната заедница да влеземе во НАТО беше голем, сега тој притисок не е толку евидентен, иако во интерес на сите е земјата да биде интегрирана и да не биде осамен остров на Балканот. 

Постојат реални шанси и Генералниот секретаријат на НАТО да излезе со извештај до април за билатералното прашање со Грција и за процесот на реформите во земјата.  

Имаме само шест месеци да се движиме во овој правец, а за ЕУ и НАТО не е клучно само името туку целокупниот реформски процес во земјата, заклучуваат дипломатски извори. 

 

 

 

14.12.2017 - 17:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега