Откриена причината за чудниот мирис и вкус на водата во Тетово

Сите испитувања кои во период од месец и половина ги правеле во тетовскиот Центар за јавно здравје не покажале проблем во квалитетот на водата за пиење откако во октомври и ноевмри се појави невообичаен мирис и вкус. Стручните лица од Центарот велат дека водата е безбедна за пиење, а проширените анализи не покажале нестандардни параметри дури и кога во прашање се испитувања за радиоактивност, пестициди, паразити и слични микробиолошки испитувања.

- Со тоа се потврди една светска пракса дека имавме т.н. естетско пореметување на параметрите вкус, мирис и изглед. Кога зборуваме изглед не мислиме на матност или боја, туку на општиот изглед. Естетските карактеристики на водата, мирисот, вкусот и изгледот беа пореметени, но немаше влијание на јавното здравје односно немаше влијание врз населението, изјави д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје.

Тој објаснува дека во водата која сега се собира за новиот водоснабдителен систем преку две планински реки се нашле лисја од дрвја и друга вегетација па затоа дошло до нарушување на естетиката.

- Видовме дека има органски и неоргански партикули-честички во дозволени количини. Во тој период кога настанаа овие екцеси се потврди само нашата теорија дека најверојатно се работи за распаѓање на вегетацијата, пред се, на лисната маса во реките чија вода се носи во филтер-станицата, па потоа се влегува во магистралниот цевковод за град Тетово - рече Давидовски.

Во новиот водоснабдителен систем за Тетово вклучени се реките Пена и Лешничка река. Водата од водотеците се чисти во филтер-станица па потоа се носи во резервоарите на тетовскиот водовод заедно со количините вода од веќе постоечки извори на Шар Планина.

- Наша препорака е да се направи третман на сировата вода пред да дојде до цевководот. Има разни начини како со озонирање или со активен јаглен. Тие успешно го отклонуваат непријатениот вкус и непријатниот мирис. Ако не се преземат овие додатни мерки проблемот може да настане повторно, зашто нашиот цевковод е разновиден. Имаме цевки што не се во функција. Тука може да настанат колонии на овие алги и актиномицети - потенцира докторот.

 

 

 

14.12.2017 - 20:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега