Трајковски: Се додека последниот од притворените од 27 април не излезе, наш дом ќе бидат улиците

Вие сте херои на новата македонска историја, вие сте луѓето жртви луѓето хунтата на власт, но бидете горди, нема човек што не знае дека вие сте затворени само затоа што излеговте и го браневте уставниот поредок на Република Македонија. 23 дена сте затворени во темните зандани, 23 дена сте одвоени од вашите семејства. Вие сте внатре, а ние надвор секојдневно на улиците извикуваме и бараме правда и слобода. Бидете уверени дека се додека од овој затвор не излезе и последниот од вас. Враќање назад нема, наш дом ќе бидат улиците, им се обрати Александар Трајковски на притворените за настаните во Собранието од 27 април, од пред Истражниот затвор во Шуто Оризари каде  ВМРО-ДПМНЕ попладнево организира протест.

Тој нагласи дека правда мора да има и ќе има.

-Започнуваат да течат и последните седум од неоправдано определениот притвор. Влегуваме во фаза во која судиите повторно ќе имаат можност да одлучуваат и да ја исправат неправдата. Потребно е пресудите да се носат единствено по словото на законот и работата ќе биде јасна. Никој од притворените не треба да биде во притвор. Република Македонија стана држава во која хунтата на власт воведе едноумие. Секој кој  на било каков начин ќе искаже критика кон одредена одлука на хунтата, тој веднаш станува државен непријател, нагласи тој.

Трајковски истакна дека секојдневно се гледа како се кршат законите  и се спроведува беззаконие.

-Презумпцијата на невиност во нашата држава веќе не постои. 10 години во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, ги слушавме како говорат за правда и правдини, за слобода и демократија. Денес кога на сила дојдоа на власт го направија спротивното. Воведоа беззаконие, спроведуваат политички реваншизам и со крајно недемократски, удбашки, методи се справуваат со секој кој мисли поинаку од нив. човековите права секојдневно се рушат. Од работа отпуштаат луѓе без никакво законско образложение со едноставна причина само затоа што биле видени на протест. Гледаме вчера како полиција по наредба на хунтата на власт се обиде насилно да разбие демократски протест на граѓани на граничниот премин „Табановце“. Што е ова ако не е режим, диктатура?, праша Трајковски.

Тој посочи дека помрачувањето ќе помине еден ден и повторно ќе изгрее ново сонце на слободата. Трајковски од пред судот испрати и барање до судиите.

-И вие сте луѓе и меѓу вас има чесни кои работат по словото на законот. Ве молам, од името на сите нас, од името на семејствата и децата на неправедно притворените, почитувајте го законот. Не дозволувајте било кој да влијае над вас. Ослободете ги нашинците кои се притворени бидејќи тие не се терористи. Да се биде Македонец најнапред е света работа, а дури потоа проклетство и немир. Македонци сме затоа што страдаме на македонски. Бараме  и очекуваме итно и неодложно ослободување од притвор на сите неправедно притворени како и повлекување на политички монтираното обвинение за тероризам. Повикувам овој политички реваншизам да запре, нагласи Трајковски.

 

 

 

20.12.2017 - 18:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега