Собранието гласа за предлог-одлуката за петмината потпретседатели

 

Пратениците денеска треба да гласаат, меѓу другото, за предлог-одлуката за утврдување на бројот на потпретседателите на Собранието.

Се предлага, Парламентот да има пет потпретседатели, а до минатиот состав тројца, од кои еден на предлог на опозицијата.

Со оваа одлука со која се зголемува бројот на парламентарните потпретседатели не се согласува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Доскорешниот координатор на пратениците од оваа партија неодамна изјави дека неговата партија нема да предложи потпретседател, но оваа одлука сега, по изборот на нов лидер и нов координатор на партијата, станува неизвесна.

Осум месеци по изборот на претседател, Парламентот функционира без негови заменици. Изборот на потпретседатели на Собранието е на дневен ред на 12. седница, а денеска треба да се одржат уште четири собраниски седници - единаесеттата, тринаесеттата, петнаесеттата и дваесет и втората седница.

Преостанати точки од дневниот ред на 11-тата седница се предлог законите за изменување и дополнување на законите за културата, за регистрирање готовински плаќања, за заштита од пушењето, за безбедност на сообраќајот на патиштата, сите по скратена постапка.

На продолжението на 13-тата седница се Предлог законот за трговија на зелени пазари, по скратена постапка, како и интерпелациите за работата на министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, и за труд и социјална политика, Мила Царовска, поднесени од пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во рамки на продолжението на 15-тата седница, пак, пратениците треба да расправаат за Предлог законот за престанување на важењето на Законот за националниот уметник на Република Македонија, во прво читање, како и Предлог законот за издавање вредносни бонови – ваучери, исто така во прво читање, на предлог на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. 

 

 

 

27.12.2017 - 08:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега