Д-р. Виктор Камнар: Штедењето без план во здравството не носи профит туку напротив ги зголемува трошоците

Инвестиции во дотраената инфраструктура, подобрувања на едукативниот процес особено во делот на до едукација на помладите и усвојување на нови техники и трендови кои модерната медицина ги поседува се клучните елементи кои му недостасуваат на македонскиот здравствен систем, смета доц. д-р. Виктор Камнар, раководител на Клиниката за Ортопедија во интервју за Прес24.

- Штедењето без план во здравството не носи профит туку напротив доведува до зголемување на трошоците, но не е најважно тоа најважно е што пациентите не ја добиваат потребната и навремена медицинска услуга, а тоа е катастрофа, вели Камнар во интервјуто за Прес24.

Тој вели дека последните 7-8 години биле многу тешки за институцијата со која сега раководи.

-Бевме соочени со кратење на буџетски средства, не инвестирање во инфраструктурата и голема рестрикција на неопходни материјали за непречено секојдневно работење. Јас реално секогаш за овие работи гласно сум говорел и сум се противел. Планот за во блиска иднина е да се направат напори за воведување на нови техники во правец на артифициелна замена на зглобовите на шаките, скочниот зглоб, рамото, туморски моруларни и интеркаларни протези, нови техники за елонгација на екстремитетите, воведување на нови техники за минимално инвазивна хирургија со што би се намалила оперативната траума кај пациентите и деновите поминати во болница би се намалиле, вели д-р. Виктор Камнар, директор на Клиниката за Ортопедија.

ПРЕС24: Веќе 5 месеци раководите со Клиниката за ортопедија. Со каков предизвик се соочивте на почетокот и тешко ли е секој ден да се планира и координира кој што работи?

КАМНАР: Клиниката за ортопедски болести е институција со богата историја и високо реноме во регионот. Се работи за институција од терциерното здравство која покрај здравствена извршува и наставна и научна дејност. Сигурно не е лесно да се раководи со ваков тип на институција имајќи го предвид  фактот што секојдневно оперативно се лекуваат во просек по 8 до 9 пациенти и тоа со најсложени зафати кои се препраќаат од сите ортопедски центри во државата и истовремено во амбулантно поли-клиничката дејност се обавуваат повеќе од 150 прегледи.

Планирањето и менаџирањето на тој процес е тешка и многу одговорна работа. Ќе ви споменам само еден факт. Минатиот месец се направен 162 оперативни интервенции во само 2 операциони сали бидејќи сме во тек со реновирање на операциониот блок и сите пациенти се успешно третирани и испишани од клиниката. За сето тоа да биде така потребно е огромен ангажман секојдневно сериозно планирање и посветеност на целиот медицински и немедицински персонал. Но сепак сакам да напомнам дека се соочуваме со дотраена инфраструктура, недостаток од нова опрема и неопходен средно-медицински кадар. Јас бев свесен за оваа состојба кога дојдов на чело на оваа институција бидејќи во неа сум активен повеќе од 17 години. Затоа на самиот почеток како раководство направивме план за приоритети, се што е возможно инстант да се набави за да можеме сигурно и непречено да работиме набавивме, нивото на дисциплина го подигнавме и поставивме цели за понатамошен развој на институцијата.

ПРЕС24:  Со години работите како ортопедски хирург и имате бројни доусовршувања во странство. Колку тоа ви помага во секојдневната работа во раководење на клиниката?

КАМНАР: Она што реално недостасува на нашиот здравствен систем е инвестиции во дотраената инфраструктура, подобрувања на едукативниот процес особено во делот на до едукација на помладите колеги и усвојување на нови техники и трендови кои модерната медицина ги поседува. Во последниве 15 години јас секоја година во повеќе наврати сум присутен во повеќе центри во западна Европа и Америка како и присуство на едукативни семинари и конгреси. Тоа овозможува да се видат и усвојат нови трендови во ортопедската хирургија, но и да се разменат искуства и да се исперцепираат начини на тоа како се менаџираат развиените ортопедски центри.

ПРЕС24: Кои нови методи на работење се воведени на Клиниката изминатиот период и што планирате како новина да го реализирате во иднина?

КАМНАР: Морам да признам дека последните 7-8 години беа многу тешки за нас како институција бидејќи бевме соочени со кратење на буџетски средства, не инвестирање во инфраструктурата и голема рестрикција на неопходни материјали за непречено секојдневно работење. Јас реално секогаш за овие работи гласно сум говорел и сум се противел. Штедењето без план во здравството не носи профит туку напротив доведува до зголемување на трошоците, но не е најважно тоа најважно е што пациентите не ја добиваат потребната и навремена медицинска услуга, а тоа е катастрофа. Сепак и покрај ваквите состојби со огромен напори и залагања на колегите се направи исчекор напред. Имено за прв пат се воведоа нови методи за ревизиона хирургија на колк и колено со нови материјали кои се последен тренд во  нашата хирургија,се воведоа нови методи за артроскопска хирургија на повеќе зглобови како и хирургија на деформитетите на рбетниот столб во детската возраст и дегенеративните заболувања на рбетот.

Планот за во блиска иднина е да се направат напори за воведување на нови техники во правец на артифициелна замена на зглобовите на шаките, скочниот зглоб, рамото, туморски моруларни и интеркаларни протези, нови техники за елонгација на екстремитетите, воведување на нови техники за минимално инвазивна хирургија со што би се намалила оперативната траума кај пациентите и деновите поминати во болница би се намалиле.

ПРЕС24:  Сведоци сме дека голем број на пациенти од Македонија одат на лекување во странство поради неможноста тие процедури и интервенции да ги добијат во македонските болници и клиники. Како долгогодишен ортопедски хирург, што мислите, што треба да се промени за што помалку пациенти да мора да одат во други земји?

КАМНАР: Проблемот со зголемување на бројот на пациенти кои се упатуваат за лекување во странство е евидентен и јас причините би ги лоцирал на две работи. Прво сведоци сме на намалување на довербата на нашите граѓани во целокупниот здравствен систем во државата. Второ иако јас сум длабоко убеден дека за најголем број на состојби во нашата држава постои кадар за нивно разрешување, неопходна е итна потребата за реформа и трансформација на здравствениот систем кој би се доближил до европскиот. Имено човечки и стручен капацитет  за најголем број од состојбите поседуваме, таму каде е потребна помош јас би предложил систем кој веќе се покажа како успешен, а тоа е доаѓање на кадар од поразвиени центри со што би се постигнала истовремено и едукација и до едукација на нашиот постоечки кадар и би се избегнале сите проблеми кои пациентите и нивните семејства ги имаат со самото упатување во друга средина одвоени од своите блиски. Друго неопходно, повторно ќе напоменам, е итна интервенција за поправање на инфраструктурата на постоечките болнички капацитети кои ќе поседуваат опрема и материјали за непречена работа.

ПРЕС24:  Најмногу пациенти кои доаѓаат на Ортопедија се поради вградување на вештачки колк. Порано имаше чести реакции дека листите на чекање се долги и дека не се набавуваат доволно материјали. Дали оваа состојба е надмината и колку сега во просек се чека за вештачки колк?

КАМНАР: Проблемот со листите на чекање кај пациентите кои се кандидати за вградување на вештачки колк не е од денес и за жал имаме многу малку направено за негово надминување. Прво бројот на импланти кои се набавуваат на годишно ниво не е ни одблизу реален со потребите на пациентите, односно тој е многу помал и затоа листите на чекање се долги и се повеќе се зголемуваат. Од друга страна ниедна здравствена установа во државава која ги нуди овој тип на услуги нема официјална и транспарентно објавена листа на чекање. Јас пред да бидам наименуван на оваа функција го раководев токму одделението за вградување на вештачки колкови и колена и тогаш апелирав прво на зголемување на бројот на импланти со што би се доближиле до реалните потреби и второ правење на листа која во себе ќе содржи одредени  медицински параметри како во сите развиени центри, со што би се направил ред за операции според степен итност и степен на комплексност на случаите. Само на тој начин овој проблем би се надминал. Токму во овој правец на решавање на овој проблем ние како раководство ја зголемивме бројката на импланти за 30 проценти, паралелно на тоа ги унапредуваме тимовите кои се занимаваат со таа проблематика. Според статистиката во последните три месеци бројот на операции од овој тип е зголемен за 25 проценти и сега во просек за вградување на вештачки колк се чека до 5 месеци, а за вештачко колено до 8 месеци.

ПРЕС24:  Покрај овие рутински операции, кај Вас на Клиника имате и сложени процедури кои ги нема во другите ЈЗУ. Колку тоа е предизвик за Вас и вашите колеги?

КАМНАР: Клиниката за ортопедски болести е установа од терциерното здравство и во делот на давање здравствена услуга е и единствена од таков тип која е одговорна за лекување на најтешките и најкомплицираните случаи кои во другите центри во државата не се лекуваат. Факт е дека една од најголемите сатисфакции кај хирурзите е кога комплексните случаи кои имаат и помал процент на успех и според европските и светските статистики успешно се лекуваат и излекуваат токму од нив. И од мое лично име би додал дека ваквите случаи мене ми претставуваат огромен предизвик и не опишиво задоволство кога лекувањето ќе помине успешно. Од друга страна, ние сме и база на Медицинскиот факултет во Скопје при Универзитетот Св. Кирил и Методиј преку Катедрата по ортопедија која покрај здравствената се занимаваме и со научна и наставна дејност. Сите поретки и комплексни процедури, состојби и болести се ажурираат и се составуваат научни трудови во правец на подобра и по напредна едукација за сите студенти, специјализанти, магистранти и докторанти.

ПРЕС24: Пред неколку месеци почнавте со реновирање на хируршките сали на Ортопедија. Дали имате проблем со одложување на операции поради градежните активности?

КАМНАР: Првата работа со која се зафативме како ново раководство и јас лично беше комплетно реновирање на оперативниот блок на ортопедската клиника. Времето си го направило своето од една страна, но и не инвестирање во овој правец во минатото доведе до неопходна реконструкција на постоечките четири сали на Клиниката за ортопедски болести. Наидовме на огромно разбирање и несебична, пред се, финансиска помош од надлежните структури за овој проект да се започне со што би се создале услови кои наликуваат на европските и во комбинација со сериозно изграден и едуциран кадар нашите пациенти би ја добиле здравствената услуга која ја заслужуваат.

Во меѓувреме сите оперативни интервенции ќе се одвиваат во две сали на клиниката за трауматологија. Со прецизно осмислен план за работа и организациона поставеност до сега бројот на операции е без промени и таков планираме да остане.

ПРЕС24:  Како гледате на моменталната положба на здравствените работници во земјата – Дали доволно се платени и почитувани за тоа што го прават?

КАМНАР: Одговорот  ќе во го кажам веднаш. Не! Ни одблиску. Условите во кои здравствените работници во државното јавно здравство работат неопходно е да се унапредат и подобрат. Од друга страна државата мора да направи напор здравствените работници да бидат подобро платени од тоа што се во моментов. Заложба е нели да се движиме кон развиена западна Европа, таму овој тип професии се достоинствено платени.

ПРЕС24:  Што мислите дека е потребно да се направи за македонскиот здравствен систем да излезе од бездната и да бидат задоволни и лекарите и пациентите?

КАМНАР: Итна реформа направена прецизно, плански и транспарентно. Менување на концептот на здравство, рационализација на трошоците, инвестиции во едукација и инфраструктура, воведување на модерен и напреден информациски  систем во здравството

 

 

 

30.12.2017 - 12:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега