Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не се враќа во Собранието - во Македонија имаме класичен политички прогон

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да се вратат во пратеничките клупи. Од партијата велат дека во законодавниот дом нема демократски амбиент

        „Во моментов нема демократски амбиент за работа во Собранието. Дванаесет проценти од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се уште се наоѓа во притвор, тоа се пет проценти од вкупниот број на пратеници кои се соочуваат со конструирано обвинение за тероризам.

          Човековите права беа прекршени, а власта ги погази законите демонстрирајќи сила врз народните избраници.

Народниот правобранител недвосмислено констатираше дека при приведувањето на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Жаклина Пешевска на 28-ми ноември 2017 година е повредено правото на пратенички имунитет загарантирано со член 64 од Уставот на Република Македонија.

          Народниот правобранител констатираше и дека полициските службеници не се придржувале до правните процедури за приведување определени со член 19 од Правилникот за начинот на вршење полициски работи, според кој доколку при приведувањето на лицето се повика на имунитет, полицискиот службеник откако ќе изврши проверка го прекинува апсењето.

          Повеќе од јасно е дека надлежните сториле кривично дело по член 140 од Кривичниот закон кој предвидува соодветни санкции за противправно лишување од слобода.

 

          Сето ова е доказ дека во Македонија имаме класичен политички прогон. Злоупотреба на институциите за пресметка со сите кои мислат поинаку и кои не се плашат гласно да се спротивстават на антидржавните политики на власта предводена од СДСМ. “ - изјави денеска партискиот лидер Христијан Мицкоски

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го бојкотираат Собранието по притворањето на триесетина лица меѓу кои и 6мина пратеници за настаните од 27 април.  Бојкотот е ситуација која Мицковски го пречека со самото преземање на партијата и која резултираше со неколку излети на пратеници надвор од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Од денеска, надвор од опозициската коалиција е и пратеникот на Демократската партија на Турците а пред него заминаа и пратениците на ГРОМ и на сојузот на ромите. Сепак, Мицкоски и денеска вели дека пратеничката група е компактна и дека се работи на внатрешни реформи кои треба да обезбедат поголема функционалност и побрзо враќање на власт. Сител веќе објави дека во таа насока ќе бидат и кадровските реформи кои се очекува да почнат пред крајот на неделата за кога се очекува да биде избран и нов Извршен комитет.

За СДСМ тврдењата за недостаток на демократија во Собранието се неосновани

- ВМРО-ДПМНЕ треба да покаже одговорност пред интересите на граѓаните и државата и конструктивно да се вклучи во реформските процеси што обезбедуваат економски раст, повисок животен стандард, демократија, владеење на правото, добрососедски односи и целосна интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО, што истовремено е  врвен државен и национален интерес, стои во писменото соопштение на владејачката партија

Бојкотот на Собранието е добро познат декор на македонската политичка сцена. Токму СДСМ ги држи сите рекорди  во користењето на овој механизам. Сегашната власт, додека беше во опозиција во просек објавуваше бојкот на  Собранието по 2 пати годишно. 

 

 

 

09.01.2018 - 19:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа