Традиционалното капење на рибарите во Охрид по повод Св. Јован Крстител

Православниот празник Свети Јован Крстител во Охрид денеска се прославува со традиционалното капење на рибарите - ветрани во езерото кај месноста Сараиште во стариот дел на градот.

Станува збор за манифестација што предизвикува интерес и е масовно посетена, како од локалното население, така и од гостите кои за Водици се во Охрид. Настанот е своевидна атракција, а според традицијата, први во вода влегуваат другарите од тајфата на фаќачот на Чесниот крст.

И оваа година организаторот на манифестацијата - Општина Охрид за посетителите што ќе додјат на Сараиште обезбеди греано вино, греана ракија, пржена плашица, пивтија, а веќе неколку години наназад се приготвува и рибна чорба во голем казан. Екипи за логистика на Општинската организација на Црвениот крст дел од рибната чорба ќе распределат по семејствата со социјален ризик во градот, како и на лица со хендикеп и постари лица кои не се во можност да присуствуваат на овој настан.

Празнувањето на Свети Јован Крстител со капење на рибарите во Охридското Езеро е традиција со која своевремено се одбележуваше завршувањето на забраната за риболов на езерото после зимскиот мрест. Повеќе децении наназад на овој ден почнува изловот на пастрмката и нејзино измолзување за вештачки мрест. 

 

 

 

20.01.2018 - 12:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега