Веселин Иванов: Бугарија не може да биде медијатор меѓу Скопје и Атина

Прашањето за името е меѓу Скопје и Атина, Бугарија не може да има улога на медијатор, смета бугарскиот амбасадор во Грција, Веселин Иванов, кој во канцеларијата на делегацијата на Европскиот парламент во Атина, ги презентираше приоритетите на бугарското претседателство со ЕУ.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, спорот со името и европската перспектива на Западен Балкан, Веселин Иванов ги повтори како дел од високите приоритети на претседавањето на Бугарија со ЕУ.

Релациите Скопје-Софија-Атина во разговор со дописникот на МИА од Атина ги коментираше токму бугарскиот амбасадор Иванов, кој вели дека е оптимист дека Македонија и Грција ќе најдат решение на проблемот.

На прашањето за улогата, што Бугарија, како актуелна земја претседавач ќе ја има во преговорите за спорот со името, но и во однос на европската интеграција на Македонија, Иванов посочи дека Софија посакува да се најде решение.

- Како што кажав и во нашето претставување, еден од најважните приоритети е Западен Балкан, поконкретно решавањето на прашањето со името со Грција, затоа што оттука е просперитетот на вашата земја. Затоа што знаете дека од тоа зависи влезот во НАТО, во Европската унија и ние од срце посакуваме да се најде решение. За тоа решение, мислам дека има желба кај владите на двете земји да се постигне консензус. Ние помагаме на секаков начин да се најде решение, истакна бугарскиот амбасадор.

Напомена дека иако Бугарија не може да биде медијатор, сепак, може да помогне во тој процес.

- Се разбира дека може да помогне, но треба да знаеме што сакате и какви се можностите. За време на претседателството, знаете, тешко е да се биде медијатор, затоа што тоа налага да се заземе страна во случајот. Јас сум оптимист и мислам дека ќе се најде некакво решение и во рамките на претседателството ќе почне и ќе продолжи понатаму, појасни Иванов.

 

 

 

23.01.2018 - 11:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега