Мицотакис: Немаше да разговарам со Скопје без претходна промена на Уставот

 Во други околности треба да се бара решение на името, вели лидерот на опозициската Нова демократија, Киријакос Караманлис,  кој пред политичкиот комитет на партијата упати остри критики кон грчката Влада во однос на тоа како се однесува со прашањето за името.

Во присуство на поранешните премиери Костас Караманлис и Андонис Самарас, јавува дописникот на МИА од Атина, Кирјакос Мицотакис детално објасни што ќе направел доколку во негови раце беа преговорите за името. Ќе почнел од тоа да ги информира лидерите на политичките партии, како што било случај во 2008, ќе ги обединел силите, а не, како што вели,  да ги подели сите: граѓаните, црквата, партиите,  но и ќе побарал промена на македонскиот Устав.

 -Преговорите ќе ги почнев од прашањата поврзани со иредентизмот и ќе чекав да видам опипливи чекори во однесувањето на другата страна, пред да поминам во следната фаза. Немаше да разговарам за ништо, ако Скопје прво не се обврзеше дека ќе го сменат нивниот Устав. И немаше да прифатам никакво споменување на македонска нација, како што направи господинот Нимиц,  без да добие никаков одговор од владата. Ќе се потпрев на довербата на народот. И верувам дека така ќе можевме да стигнеме до заемно прифатливо решение, рече Мицотакис, пренесува МИА.

Лидерот на опозициската партија, рече дека за нив прашањето завршува тука, со што индиректно порача дека Нова демократија нема да учествува во никаков разговор за евентуалното решение што ќе се најде на маса. Кирјакос Мицотакис објасни дека нема да бидат соучесници во нешто што, „како што тргнал Ципрас има опасност да ја повреди душата на нацијата“.

- Вака како што е ситуацијата, решението, веројатно, треба да се бара во некои други околности со подобра подготовка и пред се, доколку другата страна има покажано во пракса дека бара вистинско решение, вистинско, а не фиктивно, кое ќе не одведе, како што сите сакаме во хармоничен соживот на двата  народа, порача лидерот на опозициската партија говорејќи пред членовите на политичкиот комитет. 

 

 

 

24.01.2018 - 16:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега