Што вели статистиката: Митревски подобар од Борко, Манасков прв стрелец

Вчера заврши уште едно Европско првенство за македонската ракометна репрезентација. Репрезентативците на собирот во Хрватска ја остварија зацртаната цел, а тоа беше пласман во втората групна фаза, но не успеаја да го повторат или надминат својот најголем успех – петото место од ЕП во Србија пред шест години- пишува Гол.мк

Со скор од две победи, едно реми и три порази Македонија се пласира на 11. позиција, но судејќи по фантастичниот прв дел во Загреб сите очекуваа подобар пласман. Но, во Вараждин нашите момци нема сили за нови успеси и изненадувања, уште во првиот меч против Шпанија останаа без капитенот Кирил Лазаров, што беше голем хендикеп за селекторот Гонзалез и оваа репрезентација. 

Сепак, во тие натпревари кои ги изигравме без Лазаров, како и на мечевите во Загреб, младите ракометари Талески, Велковски, Поповски и Кузмановски ѝ докажаа на ракометната јавност дека оваа репрезентација има светла иднина. Секој од нив максимално го користеше времето кое го добиваше на терен, а свој блесок имаше и вториот голман, Николче Митревски. 
Судејќи по статистиката, Митревски одигра подобро првенство од првиот чувар на мрежата, Борко Ристовски. Битолчанецот по вчерашниот убедлив пораз од Данска го  загуби високиот процент на одбранети удари, па од 42 падна на 35% и во моментов се наоѓа на 6. место кај голманите со највисок процент на запрени шутеви на противниците. 
Борко ова првенство го заврши со 30% успешност, а што се однесува до најдобрите стрелци во нашиот табор, прв на листата е Дејан Манасков. Левото крило на Веспрем зад своето име запиша 28 гола, 7 повеќе од Талески (21) и 9 од капитенот Кирил Лазаров (19). Од сите 18 ракометари кои добија шанса за настап, во листата на стрелците не успеаја да се запишат само четворица (Јоновски, Велко Маркоски, Ристовски и Ојлески), додека само шест мина постигнаа двоцифрен број на голови. Покрај горенаведените Манасков, Талески и Лазаров тука се и Стоилов (18), Миркуловски (11) и Кузмановски (15). 
Репрезентативците веќе се на пат за Скопје, а од утре им се враќаат на обврските кон своите клубови. 
 

 

 

 

 

25.01.2018 - 13:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега