Таравари: Каде и што работела гинекологот во Шутка е нејзина приватна работа

Поранешниот министер за здравство, Арбен Таравари, за Плусинфо изјави дека гинеколог која работи во Шуто Оризари ги поминала сите законски филтри за да може да работи во Македонија и сè било според законот и прописите, но проверката на нечија биографија не е должност на министерот.

- Ние имавме недостаток на гинеколог во Шуто Оризари повеќе години. Ми се јави гинеколог која рече дека е заинтересирана и знае дека има недостаток во Шутка. После тоа јас побарав да си ги среди документи и сèшто треба. Денот кога е отворена ординацијата таа ја имаше целата потребна документација, значи документација и како ординација и како доктор кој ќе работи во таа ординација. Тоа се државен испит, нострификација на диплома, лиценца за работа, документи за ординацијата која порано беше невладина организација итн. Тоа е тоа што ние како институција можеме да побараме. Другото, каде работела и што работела се нејзини приватни работи, тоа веќе не е институционално – вели Таравари за Плусифно.

Поранешниот министер Таравари, во чиј мандат Вјолца беше вработена како гинеколог во Шуто Оризари, вели дека тој лично никогаш не изјавил дека гинекологот кој сега работи во Шуто Оризари порано работела во Американска болница во Тирана.

- Од вашата порака првпат прочитав дека работела во Американска болница, мене таа никогаш не ми ни кажала дека работела во таква ординација – вели Таравари.

Иако тогаш првиот човек на министерството, како што тврди тој, никогаш не изјавил дека таа работела во Американска болница, Министерството со кое тој раководеше на 6 септември 2017 година, кога започна со работа гинекологот во Шуто Оризари, во официјалното соопштение објави дека д-р Вјолца Мбиара е специјалист-гинеколог со долгогодишно работно искуство, меѓу другото, и во Американска болница во Албанија.

Инаку и докторката Мбиара во интервју за порталот Мајка и дете, објавено на 20 јули минатата година, самата кажа дека по специјализацијата добила понуда за работа во Американската болница во Албанија.

- Доаѓам од Албанија кадешто и ги завршив студиите на Медицинскиот факултет во Тирана, почнувајќи од 2000. година, заклучно со 2006. По завршувањето на медицинските студии, имав двегодишна пракса во државната клиника во Тирана и тоа во период од две години ( 2006.-2008. година). Специјализацијата по гинекологија ја завршив во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство– Koço Gliozheni и по завршувањето на специјализацијата со просек 9,9, веднаш добив понуда за работа во американската болница во Албанија кадешто работев се додека не се преселив со моето семејство во Гостивар – раскажува Мбиара во интервјуто.

 

 

 

25.01.2018 - 13:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега