Заев од Давос: Македонија повторно има глас на светската економска и политичка сцена

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на крајот од Светскиот економскиот форум во Давос, го оцени учеството на делегацијата од Република Македонија како плодотворно и успешно.
 
- Овде во Давос привршува Светскиот економски форум. Впечатокот е јасен. Светот е глобално село, а неговите лидери знаат дека треба да се поврзат уште повеќе и заедно да ги направат локалните средини подобро место за живеење. Форумот во Давос е многу значен за Република Македонија и особено за граѓаните на нашата земја. После повеќегодишна изолација, политичките лидери на Македонија и на регионот, повторно и заедно имаат свое присуство и глас на глобалната економска и политичка сцена. Нашиот став тука е слушнат: Западен Балкан создава сплотена иднина во ЕУ и НАТО - рече Заев.
 
Тој додаде дека во Давос земјите кои се во развој имаат уникатна можност да учат и да добијат инспирација од светските економски лидери, односно од оние кои го трасираат патот на развојот на светот. 
 
- Во сите работни средби кои ги имавме со министерот за надворешни работи, добивме силна поддршка за реформите што ги спроведуваме во Македонија. Политичките пријатели на Македонија и потенцијалните бизнис инвеститори ни упатија јасна порака: „Реформите се клучни за економски просперитет!“. Интеграцијата на Македонија надвор, реформите и економските мерки дома, се клучни за развој и за внатрешен напредок на нашата држава. За развојот на Македонија мораме да работиме и овде во Давос, и насекаде во светот, но и во Скопје, и во Тетово, и во Штип, и во Босилово, и во Арачиново - порача Заев.

Тој нагласи дека светските лидери истакнале дека мора да се внимава на развојот на локалните заедници. 

- Мораме да вложуваме во вештините на луѓето и да гарантираме безбедна работа дома. За тоа се зборува овде во Давос. За тоа ќе работиме и кај нас дома - додаде тој. 
 
Охрабрувања и интереси за поддршка на Македонија стигнале и на средбите кои ги имал со Европската банка за обнова и развој, со гигантите Мајкрософт и Филипс, со Борисов, Вучиќ и Брнабиќ, Ципрас, Тачи, Пленковиќ, Церар и со, како што рече, нашиот поддржувач, еврокомесарот Хан.
 
- Се сретнав и со Џерард Кушнер, советникот на претседателот Трамп, со кој што имавме заедничка вечера. Исто и со Ерик Шмит, директорот на Алфабет. Се сретнав и со министерот за економски развој на Русија, господинот Максим Орешки. Се сретнав со Биљал Буто Заради, претседателот на Народната партија на Пакистан, со премиерот на Сомалија, господинот Хасан Али Каир. Се сретнав и со Џерад Коен од  „Гугл Џиксо“, со потпретседателот на белгиската Влада, со директорката на Светска банка, Кристелина Ѓеорѓиева, и со многу други пријатели на Македонија - рече Заев.

 

 

 

26.01.2018 - 16:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега