Анкета: Дали Законот за јазиците ќе го подобри соживотот во Македонија

Законот за употреба на јазиците нема да го подобри соживотот во Македонија сметаат 51 процент од граѓаните, наспроти 44 проценти кои одговориле позитивно, покажуваат резултатите од телефонската анкета на Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

На прашањето дали сметаат дека со Законот за употреба на јазиците ќе се подобри соживотот во Македонија само пет проценти одговориле „не знам“.

Анкетата покажува дека постои голема разлика во одговорите на ова прашање во зависност од тоа за која партија гласале анкетираните граѓани. Така 77 проценти од анкетираните кои гласале за ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека нема да се подобри соживотот наспроти, 39 проценти од анектираните гласачи за СДСМ, 25 проценти од гласачите за БЕСА и 11 проценти од гласачите на ДУИ. 

Најголеми оптимисти дека законот ќе го подобри соживотот со 85 проценти се гласачите на ДУИ и БЕСА со 75 отсто, додека 55 проценти од гласачите на СДСМ и само 18 проценти од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ веруваат дека со законот ќе се подобри соживотот во Македонија.

За 34 проценти од испитаниците со воведувањето на овој закон секоја етничка заедница ќе го користи само својот јазик, додека за 57 проценти од анкетираните со воведувањето на овој закон македонскиот јазик ќе се користи како заеднички јазик, покажуваат резултатите од анкетата. 

Граѓаните имаат различна перцепција за законот ако се гледа за која партија гласале на последните избори, така што 44 проценти од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и 20 проценти од гласачите на СДСМ веруваат дека секоја етничка заедница ќе го користи само својот јазик, додека 47 проценти од анкетираните кои гласале  за ДУИ и 57 проценти од гласачите на БЕСА сметаат дека македонскиот јазик се уште ќе се користи како заеднички јазик. 

Врз основа на тоа колку доверба во институциите имаат анкетираните граѓани, анкетата покажува дека оние со поголема доверба сметаат дека македонскиот јазик ќе продолжи да се користи како заеднички јазик и покрај воведувањето на законот. 

Телефонскста анкета на национален примерок од 1000 испитаници е спроведена од 19 до 26 јануари годинава од „М Проспект“ за потребите на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, маргина за статистичка грешка од три проценти . 

 

 

 

31.01.2018 - 16:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега