Законот за амнестија стапи на сила: Ослободување на 30 лица од прилепскиот затвор

 Со Законот за амнестија кој стапи во сила на 26 јануари, во прилепскиот затвор очекуваат до крајот на оваа седмица да стигнат судските решенија за ослободување на 30 осудени лица.

Според директорот на оваа казнено-поправна установа Слободан Ристески, решенија стигнаа за четири лица, а на 85 ќе им биде намалена казната за 30 насто.

- Со Законот за амнестија се опфатени сите 115 осудени лица. Веќе четири лица се ослободени со судско решение. Тие имаа казна затвор до 6 месеци. Секој момент ги очекуваме другите решенија од судот за ослободување, што значи условите од законот ги исполнуваат 30 осудени лица. На 85 лица ќе им биде намалена казната за 30 насто, изјави Ристески.

Во прилепскиот затвор се вработени 39 лица, а има потреба за уште 10-ина нови вработувања. Ристески вели дека со години ништо не било инвестирано во установата.

- Недостасуваат: медицински персонал, машки и женски полициски службеници, референт за прием и отпуст, готвач. Се надевам дека наскоро ќе се пополнат потребните работни места за поефикасно функционирање на затворот, вели Ристески.

Се очекува во иднина да бидат реализирани три капитални инвестиции во оваа казнено-поправна установа: асфалтирање на патот кој води до затворот во должина од околу 900 метри, нов бунар за технолошка вода и реконструкција на внатрешната инфраструктура на затворот.

 

 

 

31.01.2018 - 16:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега