Средба на Заев со Боштинару, Фајон и Пицула: Поддршка за интеграциите на Македонија
Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со европратениците од групата на прогресивна алијанса на социјалистите и демократите во Европскиот парламент: Виктор Боштинару, Тања Фајон и Тонино Пицула.
- Европратениците од групата на СД во ЕП соопштија дека се тука да дадат безрезервна поддршка на евро-интеграциските процеси во Република Македонија. Тие изразија охрабрување до премиерот Заев, Владата и сите политичко-општествени чинители во Македонија за решавање на прашањата што се наоѓаат на патот на оваа важна цел за Република Македонија, соопшти владината прес-служба.
Боштинару, Фајон и Пицула, стои во соопштението, го оцениле како важен успешниот реформски процес во земјава во изминатите неколку месеци, по мудрото надминување на политичката криза, а ги поздравиле и интегративните политики на премиерот Заев и на Владата, како меѓуетнички, така и во политичка смисла, за градење едно општество за сите, што се на линија на европските вредности.
На средбата е констатирано дека за Република Македонија е значајна и интеграцијата во НАТО, којашто гарантира стабилност, а со тоа и прогрес на економски план, а безбедност и стабилност, како што беше речено, и се потребни и на Европската унија.
- Остваривме две третини од реформскиот План 3-6-9, а водиме и политики на пријателство и дома и во регионални рамки. Нашите очекувања се дека ваквите чекори на Владата водат кон тргање на условеноста на препораката за отпочнување преговори на Македонија со ЕУ, а во скоро време добивање и датум за преговори. Исто така отвораат и НАТО перспективи. Ја имаме меѓународната поддршка, а за Република Македонија беше и останува важна поддршката на СД, рекол премиерот Заев.
Според него, средбата со европратениците Боштинару, Фајон и Пицула е значајна порака и потврда дека граѓаните и Република Македонија во Европа имаат поддржувачи за остварувањето на стратешките цели, што водат кон напредок.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа