Ахмети: Референдум за името може да го комплицира процесот
Договор за името треба да се постигне што е можно побргу и тој да биде ратификуван во Парламентот. Евентуалниот референдум може да го комплицира процесот, истакнал лидерот на ДУИ, Али Ахмети на денешната средба со европратениците Виктор Боштинару, Тања Фајон и Тонино Пицула.
-Компромис за решавање на спорот за името треба да се постигне сега почитувајќи ги карактеристиките на страните и размислувајќи за заедничката иднина во Евроатланското семејство, соопштуваат од ДУИ.
Ахмети и тројцата европратеници, како што соопштија од партијата, разговарале многу отворено и пријателски за прашања од заеднички интерес, како евроатланската интеграција, добрососедство и реформите.
Европратениците, соопштуваат од ДУИ, изразиле целосна поддршка на агендата на парламентарното мнозинство и реформската влада.
Ахмети ја поздравил поддршката од европратениците и рекол дека периодот што претстои пред нас е одлучувачки, не само за Македонија, туку и за регионот.
Лидерот на ДУИ ги уверил гостите дека спроведувањето на системските реформи во земјата нема да запре и изразил уверување дека опозицијата ќе учествува во овој процес за доброто на граѓаните.
02.02.2018 - 15:51
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа