УХМР: Се уште високи водостоите на сите реки

Врнежите и топењето на снегот од планинските предели предизвикаа покачувања на водостоите на целата територија на земјава, а особени покачувања и излевања на водите има во сливовите на реките Вардар и притоките во горниот тек, Треска и нејзините притоки, Радика, Црн Дрим, Сатеска, Голема Река, Црна Река и притоките во горниот тек.  Од горните сливови притисокот се префрла во рамниците и пониските делови од речните басени, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Поплавени објекти и земјоделски површини, нагласуваат од УХМР, има во Тетовско, Охридско, Кичевско, Демирхисарско, Македонски Брод и Самоков, а податоците се потврдени и од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

- Со престанувањето на врнежите бележиме постепено намалување на водостоите на хидролошките станици од овие сливни подрачја и уште вчера беа забележани намалувања на водостоите кај станиците Бошков Мост-Радика, Ботун-Сатеска, Ресен-Голема, Влив-Лепенец, Јегуновце-Вардар и Доленци-Црна. Од последните информации од терен забележуваме се уште високи водостои кај сите реки во државата, а особено кај реките Вардар, Треска, Црна и Пчиња. Се уште има локални излевања и појава на заезерени површини, соопшти УХМР.

Оттаму препорачуваат внимателно движење покрај реките и суводолиците, особено во сливовите на реките Вардар, Треска, Црна, Пчиња. 

 

 

 

05.02.2018 - 11:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега