Наскоро решение за просторниот проблем на Државниот архив

 

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски најави наскоро решение за просторниот проблем со Државниот архив што се соочува со несоодветни услови за чување на архивскиот материјал откако беше преселен во објектот на Археолошкиот музеј покрај Вардар.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот рече дека се разгледуваат техничките рокади во однос на постојните простори и институциите кои се сместени во нив.

- Не би сакале да се доведеме во ситуација една институција да решиме, а потоа по системот на домино други институции да се соочат со проблеми. Се виде дека и тоа е еден од новоизградените објекти од проектот „Скопје 2014“ кои не се направени стручно. Самата идеја да се спојат во суштина диспаратни институции, како што е Археолошкиот музеј и Архивот на Македонија, исто така се покажа несоодветно решение. Владата излезе во пресрет на институцијата, но се уште преговараме и размислуваме на кој начин и во кои објекти треба да се преместат институциите, за да може архивскиот материјал да биде најсоодветно заштитен, а и самите вработени во таа институција да имаат органска поврзаност со нивните работни простории, рече Алаѓозовски на прес-конференција.

Во однос на протекувањето во установите од културата по последниот интензивен дожд, рече дека санацијата ќе се решава со итна интервенција и со практиката на мали набавки, односно изведувања на работи до 30.000 денари.

- За се што е над таа сума, за жал, обврзани сме со законот да ги спроведуваме процедурите за санирање на покривите. Од страна на министерството се е подготвено. Комисиите уште од минатогодишните дождови излегоа на терен, направија детаљно утврдување на штетата и потребните средства. Министерството донесе програма за реконструкција, стапи во сила, и останува само да се изработи ургентно планот за јавни набавки и да се спроведе процедурата која трае неколку недели, рече Алаѓозовски.

Програмата за реконструкција на најзагрозените институции изнесува 60 милиони денари и со неа ќе бидат опфатени повеќе од 20 од вкупно 60 национални установи или една третина. Со тоа ќе се санираат за да нема протекувања од дождови и ќе се запре натамошното руинирање на зградите.

- Санација и тековно одржување на постојните е преку 250 милиони денари, а можеме да излеземе во пресрет само на многу мал процент од нив. Тековното одржување од идната година ќе го поддржиме со поголем процент, за да добиеме функционални постојни установи, рече министерот, нагласувајќи дека приоритет е санација на постојните објекти наместо изградба на нови т.н. капитални проекти. Тоа важи и за Драмскиот театар - прво ќе се санира постојната зграда, а во некои од наредните години, рече тој.

 

 

 

05.02.2018 - 13:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега