ВМРО-ДПМНЕ: Годишната програма на Министерството за култура е скандалозна

Годишната програма на СДСМ и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, е безидејна, неправична, популистичка и не поддржува рамноправен културен развој во Република Македонија како на локално ниво така и во однос на етничката застапаност на заедниците што живеат во Република Македонија, смета Роберт Вељановски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Програмата е одраз на задоволување на апетитите на подобните соработници на Заев, чии долгови се намируваат со пари на граѓаните. Нетранспарентноста на критериумите во согласност со кои се одобрени проектите и распределени средствата, ни дава право да заклучиме дека основните критериуми и начела за распределба на проектите се, пред сè, политички, а дури потоа естетски. Најгласните експоненти на таканаречената шарена револуција се застапени со два, три или четири проекти, а се кратат или се одбиваат голем број значајни проекти. Министерството за култура поделило пари и за проекти во кои фигурираат и членови на комисиите, а финансиска поддршка е предвидена и за проекти зад кои стојат членови на Советот за култура при Министерството“, рече Вељановски.

Според него, најтрагични се оправдувањата дека биле направени само технички пропусти. „ВМРО-ДПМНЕ бара Владата и Министерство за култура итно да ја повлечат годишната програма и да почнат постапка за изготвување нова програма за 2018 во согласност со декларираните принципи на правичност, диверзитет во распределбата и силна поддршка за уметниците и културните работници, а во врска со интересот на сите граѓани на Република Македонија“, рече Вељановски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ бара да бидат повлечени и сите членови на комисиите што имаат конфликт на интереси и да се постават нови што немаат.

„ВМРО-ДПМНЕ бара програмата итно да биде повлечена и поради скандалот, без преседан во историјата на македонската култура, скандал во кој една од најреномираните македонски културни установи поднела документи и добила проект без согласност и потпишано одобрение на членовите на македонската рок-група со меѓународно реноме. Овој срам за македонската култура веќе е одбележан и во балканските медиуми како обид за измама и проневера. Овој случај остава простор за сомнение за слични или поголеми неправилности“, рече Вељановски.

 

 

 

 

14.02.2018 - 14:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега