Се собираат изјави од планинарите учесници во турата во која загинаа две лица на Кајмакчалан

 

Федерацијата на планинарски спортови собира писмени изјави од учесниците во турата во која загинаа двајца млади планинари.

Според првичните информации  изјава дал и водачот на групата од планинарското друштво „Трансферзалец“, Зоран Костадинов, но таква информација сѐ уште нема пристигнато од друштвото. 

-Во изјавите на останатите учесници се потврдувале информациите, кои веќе се објавија во медиумите, дека планинарите кои загинаа и покрај лошото време се одвоиле од групата и одлучиле самоиницијативно да се качат до врвот и покрај лошите временски услови, објавува Телма.

Но, останува прашањето зошто воопшто групата од 50-тина планинари, меѓу кои и лошо опремени за вакви тури, воопшто тргнала во планина. Се отвора и прашањето дали навремено реагирале спасувачките служби и кога биле активирани. Од македонското обвинителство велат дека на расветлување на целиот настан работат надлежни институции во соседна Грција, од каде и започнало искачувањето, анализира телевизијата.

„Истовремено, активности се преземаат и од страна на Министерството за внатрешни работи во насока на утврдување на факти за случената трагедија во која животот го загубија две лица. Постои коориднација и соработка со иста цел, да се расветли несреќата и да се утврдат фактите за нејзиното случување.  Јавното обвинителство ја чека документацијата и извештаите кои треба да пристигнат од Република Грција. По нивно разгледување и анализа ќе може да се утврди дали има елементи на сторено кривично дело и евентуално да се бара кривичната одговорност“, велат од ОЈО.

Според дел од грчките медиуми двајцата планинари починале од премрзнатост. Немало знаци од повреди, од пад во бездна, како што првично беше објавено. Инаку денеска телата на двајцата млади се донесени кај нивните семејства во земјава, откако заврши обдукцијата во Грција. Нивните фамилии вчера испратија писмо во кое бараа низа одговори.

-Од која причина турата тргнала кога од грчката страна дале предупредување да не се качуваат бидејќи условите биле екстремно лоши, колку пари се земаат од секој учесник во турата и зошто не се одложила? Од која причина, кога се дознало дека двајцата млади планинари ги нема, во 14,30 часот, кога се известени грчките власти, ниту тогаш, ниту во текот на целиот ден, ниту следниот ден никој од организацијата на турата не ги известил родителите, ниту блиските на? Дали воопшто некој од ова катастрофално друштво имал лиценца за водење на тури во зимски и екстремни услови?, прашуваат роднините на загинатите.

Од Федерацијата на планинарски спортови веќе закажаа состанок за в петок, по кој се очекува да излезат со официјална изјава во јавност.

 

 

 

14.02.2018 - 21:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега