Фото: „Живи мртовци“ избрани за принц и принцеза на Струмичкиот карневал

Брачниот пар Натка и Орце Спасови од карневалската група „Живи мртовци“ се принц и принцеза на Струмичкиот карневал.

Оваа одлука ја донесе жирито на синоќешниот маскенбал, што се одржа во Хотелот „Сириус“ во Струмица.

- Со голема чест и задоволство го примаме признанието и ќе бидеме достојни на задачата успешно да ја предводиме големата карневалска поворка, рече принцезата Натка.

Пеперутка карневал струмица

Тие вечерва заедно со кралот и неговата свита ќе ја предводат поворката на Интернационалната карневалска вечер.

Со оро, чочек, рок, староградска музика и танцот од Аруба, но и со маски и костуми какви што беа „Струмички пеперутки“, „Живи мртовци“, „Шкотланѓани“, „Лажица и бунела (вилушка)“, „Гусари од Хрватска“, „Девојки со чадори“, „Снегулки“ и многу други поединечни маски направени со многу труд и љубов беше најавен главниот настан на Струмичкиот карневал.

Снегулки карневал струмица

Маскенбалот уште еднаш потврди дека тој е единствено мерило за квалитетот на кулминацијата на струмичките карневалски празнувања.

- Очекуваме едно извонредно издание на Струмичкиот карневал и ќе потврдиме дека не сме случајно избрани меѓу седумте најатрактивни зимски настани во Европа, рече претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов.

Цицмов карневал струмица

Неговото мислење го дели и претседателот на Европската федерација на карневалските градови, Фердинад Ван дер Крон.

- Јас сум голем поддржувач на вашиот карневал и многу сум среќен кога гледам како од година во година е се поголем и поубав. Очекувам успешно издание на главната карневалска вечер, рече Крон.

Фердинанд струмица карневал

Најголемо внимание кај учесниците на маскенебалот привлекоа гостите од холандскиот остров Аруба, кои настапија со нивниот танц „сако“ во атрактивни костуми.

- Ние и лани бевме на Струмичкиот карневал. Годинава сме побројни. Нашата карневалска група брои педесет членови и ќе се претставиме со нашиот танц „сако“, кој е мешавина од музика и танци од Тринидад и Тобаго. Ги покануваме сите да дојдат на плоштадот во Струмица и да го проследат нашиот настап, но и да останат потоа и да уживаат во нашата музика и игра на „Ноќ на Аруба“, рече Саира, водач на карневалската група од Аруба.

Аруба

Домашните учесници со голема радост зборуваат за учеството на маскенбалот и главната карневалска вечер.

- Мене единствен мотив да учествувам ми е да бидам нешто друго во споредба со останатите 364 денови во годината, рече Наташа Донева.

На маскенбалот присутвуваше и градоначалникот на Струмица Коста Јаневски.

-Ова ми е прва година како градоначалник и покровител на Струмичкиот карневал да се појавам на маскенбалот, кој е увертира во претстојниот голем карневал. Очекувам добра забава, а гостите да си поминат убаво, рече градоначалникот Јаневски.

јаневски

На денешната Интернационална карневалска вечер, која почнува во 18,30 часот,  ќе учествуваат околу две илјади учесници распоредени во 41 група од земјава и странство.

Жири комисијата ќе ги оценува нивните креации, а за најдобрите во повеќе категории се предвидени парични награди. 

 

 

 

17.02.2018 - 10:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега