Директорот на домот „25 Мај“ поднесе оставка - МТСП не најде вина кај социјалниот работник

Директорот на ЈУ Завод за згрижување на деца со воспитно - социјални проблеми „25 Мај“ Стевчо Соколовски поднесе оставка од морални причини, во врска со случајот со сексуалната експлоатација на малолетна штитеничка на установата, информираат од Министерството за труд и социјална политика. Очекуваат МВР и ОЈО да преземат мерки согласно со нивната надлежност, со цел да се пронајдат и санкционираат лицата коишто ја злоупотребувале малолетната жртва.

Сеуште истражуваат дали има пропусти кај претходниот социјален работник кој бил задолжен за детето. Од МТСП откако во петокот изразија сомневање дека девојчето е жртва на сексуална експлоатација топката ја префрлија кај полицијата и обвинителството, објави Сител.

- Комисијата веќе утврди дека стручните служби и назначениот старател во неколку наврати ги алармирале надлежните институции за можна сексуална експлоатација на Р.И. Сега се истражуваат сите останати елементи за можно непостапување од страна на претходниот назначен старател на детето, се вели во соопштението од МТСП.

Од МВР во петокот информираа дека девојчето дури 9 пати било пријавувано за исчезнато од социјалните служби и во сите случаи полицијата соодветно постапувала со пријави до обвинителството.

Од обвинителството не добивме одговор дали постапувале и водат ли истрага за пријавите за сексуално злоставување на девојчето.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ и денеска побара одговорност од сите државни институции инволвирани во случајот и оставка од министерката за труд и социјала.

- Министерката Царовска и сите институции кои направиле пропуст во делувањето и не му пружиле заштита на злоставуваното девојче мора да сносат морална и кривична одговорност. Царовска не смее да се затскрива зад директорот на Домот и мора да преземе одговорност, изјави Јована Мирческа од ВМРО ДПМНЕ.

Скандалозниот случај за девојчето од домот 25 мај го обелодени невладината организација Европски центар за правата на ромите од Будимпешта.Тие за злоставувањето на малолетничката уште пред 6 месеци поднеле кривична пријава во обвинителство против институциите и лицата кои требало да се грижат за неа.

 

 

 

19.02.2018 - 17:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега