Премиерот Заев верува во решение за спорот со името до јули

Македонија се надева дека до Самитот на НАТО во јули ќе се пронајде решение за спорот со Грција околу уставното име на земјава, изјави премиерот Зоран Заев во интервју за австриската радиостаница ОРФ, што го пренесува Ројтерс.

- Верувам дека ќе успееме успешно да ги завршиме преговорите до самитот на НАТО во јули, рече Заев.

Премиерот нагласува дека влезот на Македонија во НАТО е повеќе од извесен, доколку се пронајде решение за спорот.

- Имаме автоматска покана, што значи дека членките на НАТО ќе почнат со ратификација на нашето пристапување, откако ние и Грција ќе најавиме дека спорот е решен, додаде Заев.

Одблокирање на македонските евро-атлантски интеграции побара претседавачот со Минхенската безбедносна конференција и поранешен германски амбасадор во САД, Волфганг Ишингер, објави Сител.

- Патот на Македонија кон ЕУ и НАТО треба да се одблокира. Тоа требаше одамна да биде сторено, напиша Ишингер на твитер, коментирајќи го твитот на министерот Димитров дека по долго чекање време е за пробив на земјата во ЕУ и НАТО.

Продолжување на засилените преговори и контакти меѓу шефовите на дипломатиите од двете земји, најави грчката телевизија Алфа, која повикувајќи се на владини извори објави дека во деновите од оваа клучна недела Коѕијас доаѓа во Скопје, носејќи му ја на Димитров нацрт-спогодбата што ја подготвува грчката страна.

И оваа телевизија јавува дека посетата ќе се реализира со авион што ќе слета на аеродромот што го носи новото име „Меѓународен аеродром Скопје“, прв грчки лет по 12 години. 

Алфа тврди дека Коѕијас ги подготвува последните детали и дека во нацрт спогодбата, освен името ќе бидат вклучени и промени во македонскиот Устав за „отстранување на иредентизмот“.

И, професорот по уставно право на Атинскиот Универзитет, Јоргос Гератеритис, во Катимерини пишува дека ревизија на уставот е неопходна и покрај тоа што е јасно дека Македонија во два наврата направи промени, токму на барање на Грција за отстранување на иредентизмот.

Професорот смета дека потпишувањето на договорот меѓу двете земји, што би се ратификувал со Парламентите, е неопходен чекор, но во никој случај не е доволен ако не се гарантира ревизија на Уставот. Меѓународниот договор е обично инфериорен во однос на уставот, во рамките на државата. Опстојувањето во Уставот само на името ,,Македонија‘‘ и на сите термини како ,,македонски‘‘ во пракса ќе го анулира основното барање на грчката дипломатија, дека решението треба да се применува на сè и пред се, и во внатрешноста на земјата, смета Гератеритис.

Самитот на НАТО е закажан за 11 и 12 јули во Брисел. 

 

 

 

19.02.2018 - 17:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега