Простор за зголемена трговска размена меѓу Италија и Македонија
Економско-трговските релации помеѓу Македонија и Италија, можностите за нивно унапредување и искористување на потенцијалите за инвестирање во Република Македонија, биле теми на денешната средба на министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска со амбасадорот на Италија во Македонија Карло Ромео.
Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на Апостолска, амбасадорот Ромео истакна дека постои простор за натамошно зголемување на постоечката добра трговска размена помеѓу двете земји, вклучително и на инвестициите. Тој информирал за зголемениот интерес на инвеститори од Италија и го потенцираше значењето кое го има конфедерацијата на италијанската индустрија „Конфиндустрија“ во Македонија за унапредувањето на економските односи.
Министерката Апостолска, како што се посочува, истакна дека стабилизацијата на политичкиот амбиент позитивно се одразува на интересот на странски компании да инвестираат во Македонија, притоа нагласувајќи дека со владиниот План за економски раст и формите на финансиска поддршка, кои се достапни за компаниите кои сакаат да инвестираат или имаат започнато со инвестиции, се очекува интересот да биде уште поголем.
- Како Влада, особено и од примарно значење ни е да обезбедиме тој процес да се одвива на транспарентен, конкурентен и недискриминирачки начин, рече Апостолска.
Според амбасадорот Ромео, стабилносноста на државата позитивно се одразува на интересот на италијанските компании за македонскиот пазар, како дел од поширокиот регионален пазар.
На средбата беше договорено, под покровителство на италијанската амбасада и „Конфиндустрија“, да се организира настан на кој ќе бидат презентирани мерките за поддршка на инвестициите од Планот за економски раст пред претставници на италијанските компании во Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа