Павлопулус бара промена на Уставот, Нова Демократија прашува "ќе ја турне ли Владата"

 

Барања за промена на Уставот како предуслов за решавање на прашањето за името, ставови дека тоа нема да стаса во грчкиот Парламент во наредните десет години, но и објава за поддршка од Грција на кандидатурата на Македонија во Јадранско-јонската иницијатива, беа изнесени во грчката јавност која продолжи со реакции за средбата во Берлин на македонскиот премиер Зоран Заев со германската канцеларка Ангела Меркел.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, со допис до надлежните европски комесари, соопшти дека Грција ја поддржува кандидатурата на Македонија за членство во Јадранско- јонската иницијатива.

- Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, со допис до надлежните комесари за проширување, Јоханес Хан и за регионална политика, Корина Крецу, ја објави намерата на Грција да ја поддржи кандидатурата на ПЈРМ во рамките на стратегијата на Европската унија за Јадранско–јонскиот регион (EUSAIR), пишува во соопштението од грчкото МНР. 

Претходно, грчкиот претседател Прокопис Павлопулос на почетокот од средбата со ирскиот претседател Мајкл Хигинс, рече дека промена на Уставот и изнаоѓање име во кое нема да има траги од иредентизам во однос на границите, националноста и јазикот, се предусловите кои Македонија треба да ги исполни доколку сака да се интегрира во НАТО и Европската Унија.

Од Грчката опозициска партија Нова демократија, пак, упатија прашање зошто грчката Влада не излезе со коментар за употребата на фразата „македонски премиер“ од Меркел за време на завчерашната средба со Зоран Заев.

Портпаролката на Нова демократија, Мариа Спираки истовремено го прозва коалицискиот партнер во Владата Панос Каменос, да каже „Дали ќе ја турне Владата“ откако тој рече дека не се согласува со тоа како Владата управува со прашањето со името и ќе направи сѐ „за да не се даде името Македонија“.

 

 

 

23.02.2018 - 08:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега