Моќта на касата: Буџетски овластувања и процедури на ЕП пред пратениците
Во Собранието на Република Македонија утре ќе се одржи Интерпарламентарна конференција – Моќта на касата: Буџетски овластувања и процедури на Европскиот парламент.
Конференцијата, како што се наведува на собраниската веб-страна е организирана од Групата за поддршка на демократијата и координација на избори (ДЕГ) во соработка со Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) и Буџетскиот комитет (БУДГ), со пратеници од парламентите на земјите кандидатки и Европскиот парламент.
На отворањето ќе се обратат претседателот на македонскиот Парламент Талат Џафери, европратеникот и член на Комитетот за надворешни работи Игор Шолтес, а краток вовед за Буџетот на ЕУ ќе има европратеникот Џон Хауворт.
За повеќегодишните финансиски рамки и меѓуинституционалните спогодби за буџетски договори на конференцијата ќе зборува европратеникот и член на Буџетскиот совет Јан Олбрихт, а ќе се дискутира и за улогата на Европскиот парламент во усвојување на европскиот буџет, за надзорот над спроведувањето на буџетот од страна на европратениците, за надзорот над имплементацијата на инструментите за надворешно финансирање и за специјализираните канцеларии за буџет во националните парламенти како начин за обезбедување експертиза до пратениците.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа