Пратениците на Косап со поддршка за Стратегијата за проширување на Западен Балкан

Конференцијата на парламентарните комисии за европски прашања на државите опфатени во процесот за стабилизација и асоцијација на ЈИЕ-КОСАП заврши со усвојување заедничка изјава на учесниците, во која тие ја нагласуваат нивната целосна согласност со оценките содржани во Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан, објавена овој месец. 

Во заедничкиот документ, кој содржи 14. точки, учесниците меѓу другото, наведуваат дека ја поддржуваат политиката на проширување како долгорочен и стратешки концепт во Европа и во регионот што ќе придонесе за мир, безбедност и просперитет во ЕУ. Учесниците на КОСАП позитивно го оценуваат и зголемувањето на финансиската поддршка на имлементацијата на Стратегијата, а ги поздравуваат иницијативите за зајакнување на владеењето на правото, за зголемување на напорите за безбедност и миграцијата со интензивирање на соработката за борба против организираниот криминал, тероризмот и екстремизмот, како и безбедноста на границите и менаџирањето на миграцијата. 

На конференцијата учествуваа пратеници од Албанија, БиХ, Македонија, Црна Гора и Србија, а како набљудувачи и пратеници од Турција и Косово. Обраќања имаа европратениците Иво Вајгл и Едуард Кукан, додека иако најавен во Скопје не допатува и Кнут Флекeнштајн. Тој на своите колеги Вајгл и Кукан ќе им се придружи попладнево на средби со координаторите на пратеничките групи и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кога се очекува да се дискутира за отпочнување на разговорите во рамки на Жан Моне процесот.

Вајгл во своето обраќање ги повика владејачкото мнозинство и опозцијата да соработуваат, особено кога станува збор за реформите и најави дека најверојатно меѓупарламентарните разговори на нивна иницијатива би се одржале во март, но во Македонија, а не кај Париз во куќата на Жан Моне. 

Европратеникот Кукан, пак, по конференцијата изјави дека новата македонска Влада добро работи, оти ја има нивната поддршка и се надева дека земјата ќе добие датум за почеток на преговори.

- Оваа година е многу важна. Мислам дека  има многу добри услови за туркање понатаму на процесот на проширување во Западен Балкан, рече Кукан. Европратеникот посочи дека земјите од Западен Балкан треба да си ја завршат домашната задача. Во однос на неучеството на опозицијата во работата на Парламентот, Кукан рече дека за некои прашања, како што е членството во Европската унија, улогата на опозицијата треба да биде конструктивна.

Обраќања на темите поврзани со европските перспективи и владењето на правото во земјите од Западен Балкан имаа и министрите за надворешни работи и за правда Никола Димитров и Билен Салији, евроамбасадорот Самуел Жбогар и американскиот амбасадор Џес Бејли, како и претставникот на бугарското претседателство Кристијан Винегин.

На денешната конференција во македонскиот Парламент учествуваа и пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.  

Претседавачот со конференцијата и претседател на македонската Комисија за европски прашања Артан Груби изрази задоволство од текот на конференцијата, чиј домаќин беше Македонија, но и од присуството на пратениците од опозициската партија.  

- Многу сум задоволен и со заедничката изјава која е усвоена на крај консензуално, рече Груби. 

Пратениците од косовскиот Парламент за време на дискусијата изразија незадоволство поради тоа што, како што кажаа, било тргнато нивното знаме од конференцијата. 

Груби појасни дека српската делегација реагирала до Секретаријатот на Конференцијата во врска со знамето на Република Косово.

- Секретаријатот ги отстрани сите знамиња, на сите земји учеснички на конференцијата и на тој начин се реши таа ситуација, рече пратеникот. Негово лично мислење е дека потегот е нелогичен затоа што, како што додаде, во духот на едно кохезивно барање на сите земји од Западен Балкан за зачленување во евроатланската интеграција треба да се почитуваме еден со друг и заеднички да чекориме на тој пат.

 

 

 

26.02.2018 - 15:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега