Грција бара промена на Уставот и химната

Повеќе грчки медиуми синхронизирано ги објавија 7-те точки од нацрт-спогодбата, што Грција се подготвува да и ја достави на Македонија, но и на медијаторот Нимиц, не подоцна од следната недела.

Името, опсегот на употреба, јазикот, идентитетот, комерцијалната употреба на името, акронимите и кратенките се 7-те поглавја што Ципрас ги дефинирал во нацрт-спогодбата, а македонското мислење првично ќе го слушне министерот Коѕијас при посетата на Скопје следната недела, пишуваат медиумите. 

Грчкиот предлог за името дефинитивно е ,,Република ГорнаМакедонија‘‘, на словенски јазик, непреведено и споено. Медиумите велат дека премиерот Заев прифатил географска одредница, но договорот околу другите точки ќе биде предмет на интензивни преговори и притисок во следните десет дена.

Ерга омнес, односно име и за надворешна и за внатрешна употреба според медиумите останува позиција за која Грција не преговара, а најголем проблем се уште е идентитетот и јазикот. За тие прашања, според грчките медиуми премиерот Заев останува посебно воздржан, заради силниот притисок , како од претседателот на државата и шефот на дипломатијата, така и од главната опозициска партија. Комплексно ќе биде и решението за кратенките и комерцијалната употреба на името. МК и МКД се прифатени кратенки од Меѓународната организација за стандардизација, а и двете означуваат Македонија. Решението ќе биде комплицирано и нема да може да се спроведе веднаш, бидејќи е поврзано со извозот на стоки и комерцијалната употреба.

За прв пат во извештаите на грчкиот печат се спомнува и промена во македонската државна химна, во чии текст имало иредентистички елементи. Но, и таа промена нема да биде лесна, пред се поради внатрешен отпор и национална сензитивност.

Сепак се додава дека химнмата би била секундарно прашање, во споредба со промена во националноста, што би можело да ги урне преговорите. Медиумите напомнуваат дека таквата промена би значела менување на сите идентификациони документи, пасоши, лични карти, возачки дозволи, што би било проблем

Бриферите и за грчките медиуми пишуваат дека крајот на март е одреден како термин за постигнување компромис. До тогаш билатералните консултации за нацрт-спогодбата треба целосно за завршат, по што до меѓународната заедница би била испратена јасна порака дали е можно постигнување конечен договор во спорот за името. Мај, пак е наведен како месец кога ЕУ ќе ја објави одлуката за пристапни преговори за земјите од Западен Балкан, а Македонија знае дека без договор, нема да се најде во таа агенда, анализираат медиумите.

Според извори на Катимерини, или предлог спогодбата ќе биде прифатена во целост, по сите поглавја, или нема да се дискутира за ниту едно прашање, алудирајќи на неодамнешната изјава на премиерот Заев дека три од седумте точки се ускладени.

Грција сака и правни гаранции дека некоја идна влада во Скопје нема да се стреми кон промена на Уставот, но и предлага, ратификацијата на договорот во грчкиот парламент да биде по референдумот во земјава.

 

 

 

26.02.2018 - 22:21
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега