Заев тврди дека не прифаќа уставни промени и име без превод

Македонија нема да прифати непреведено име ниту пак измени во Уставот, порача преку германски Шпигел македонскиот премиер Зоран Заев, јавува Сител.

Во интервјуто кое било правено неколку часа по средбата со канцеларката Меркел, Заев јасно ја отфрла можноста идното договорено име меѓу Македонија и Грција да биде  без превод.

- Најискрено, не гледам рационални аргументи. Како тоа треба да се спроведе практично, а да не се преведе нашето државно име? Треба ли да ја присилуваме канцеларката Меркел, или претседателот Доналд Трамп, да кажат, на пример, „Северна Македонија“? Тоа ќе биде без преседан на меѓународно ниво, вели Заев.

Премиерот смета дека барањето на Грција за уставни измени со кои името би се променило и за внатрешна употреба гази врз достоинството на земјата.

- Ова име е нашата гордост и нашиот идентитет. Не гледам причина да бараме тоа да се промени во Уставот, што би било неспојливо со нашето достоинство. На Грција ѝ треба сигурен партнер, а не партнер без достоинство. Уставот може да се менува и промените исто така може да се сменат. Најважна гаранција за Грција е решението на спорот за името да е валидно. Ова е обврска на меѓународните договори, кои се ратификуваат и потоа важат за меѓународните комисии, вели Заев за Шпигел.

Уште еднаш потврдува дека за макеоднската влада е прифатливо решение со географска одредница притоа споменувајќи ги термините горна и северна, како примери.

- Во минатото тоа беше табу тема за нас. Сепак, како премиер на Македонија, сега можам официјално да објавам дека е прифатливо за нас, бидејќи тоа е факт. Македонија е историски регион лоциран во три земји: нашата земја, Грција и Бугарија. Нашата земја е северниот, или горниот дел. Јужниот дел е во Грција, источниот во Бугарија. Ова се факти и ние не треба да одиме против фактите. Бидејќи ние разбираме и прифаќаме дека Грците сакаат да има разлика, подготвени сме да прифатиме географска додавка, вели Заев.

Тој потенцира дека кај Макеоднија постои вистинска волја за решавање на спорот и дека не сака да помисли на опцијата спорот да остане не затворен и во следните 27 години.

- Не би се осмелил да мислам дека не може да има решение за спорот за името. Нашата земја игра централна улога во регионот Западен Балкан. Ние сме мултиетничка земја, а кога има немир и нестабилност, тоа зрачи кон целиот регион. Ние треба да го решиме овој спор, само тогаш можеме да се развиваме, да се интегрираме во ЕУ и да дојдеме до просперитет и добро владеење на правото. Тоа е добро за целиот регион. Неуспехот е незамислив за Македонија, за целиот регион на Западен Балкан, а со тоа и за ЕУ,  вели Заев за Шпигел.

 

 

 

26.02.2018 - 23:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега