„Четврток“ на Манчевски ќе се прикажува на италијанската РАИ

Италијанската публика ќе има шанса да го погледне краткометражниот филм „Четврток“ од Милчо Манчевски. Тој ќе се прикажува на италијанската национална телевизија РАИ на каналот Rai Movie, кој е посветен на кинематографската уметност. Проекцијата на филмот на Манчевски ќе биде во рамки на емисијата посветена на јубилејното 70-то издание на Филмскиот фестивал во Венеција.

„Четврток“ ја доживеа светската премиера на отворањето на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција на 28 август. Годишното, јубилејно 70-то издание на фестивалот се отвори со двојна проекција. По проекцијата на филмот „Gravity“ на Алфонсо Куарон беше прикажан специјалниот проект „Future Reloaded“ во рамки на кој е вклопен и „Четврток“ на Манчевски.

Сценариото е на Манчевски, продуцент е Арон Левин, а во главната улога настапува младата глумица Лора Ласи.  Директор на фотографијата е Уна Ли, монтажер Питер Мостерт, а композитор на музиката е Игор Василев Новоградска. Филмот е снимен во Њујорк и претставува американска продукција.

По премиерата „Четврток“ беше поставен на вебсајтот на Манчевски и на Јутјуб, каде го видоа 15.000 гледачи за само три дена.  По завршувањето на фестивалот, ќе биде поставен и на официјалниот вебсајт на фестивалот.

Манчевски го освои Златниот лав за најдобар филм во Венеција во 1994 за „Пред дождот“, кога освои уште девет други награди. Неговиот филм „Прашина“ го отвори Фестивалот во 2001 година. На Фестивалот подоцна беше воведена и наградата „Кругот не е тркалезен“ насловена така според мотото на филмот „Пред дождот“. 

05.09.2013 - 11:09

најчитано сега