Пешевски: Подобрената конкурентност на Македонија е потврда за економски политики на Владата

Рангирањето на Македонија во најновиот Извештај на Светскиот економски форум претставува најголемо подобрување на позицијата споредено со балканските држави, како и со земјите-членки на ЕУ, смета вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

- По првпат се вбројуваме во првата половина од најконкурентните економии во светот и сме рангирани над просекот на балканските земји каде просечниот ранг е 79, заедно со Бугарија, Хрватска и Црна Гора, истакна Пешевски на денешната прес-конференција.

Инаку, Македонија бележи значителни подобрувања кај шест од вкупно седум индикатори кои ја мерат оваа област и тоа кај капацитет за иновации, квалитет на институции за научно истражување, вложувања на фирмите во истражување и развој, истражувачка соработка меѓу универзитети и индустрија, владини набавки на производи од висока технологија и достапност на научници и инженери.

Македонија е најдобро рангирана кај даночната стапка каде годинава е прворангирана., потоа е второрангирана во времето за започнување бизнис, по бројот на процедури за започнување бизнис е треторангирана, додека кај бројот на процедури е четврторангирана. 

- Овие подобрувања се уште една потврда за позитивните ефекти од проектите и активностите на Владата за унапредување на деловната клима, привлекување странски директни инвестиции, унапредување на дијалогот со деловната заедница, имплементацијата на стратегијата за иновации со Акцискиот план и зајакнување на активностите на Македонската банка за поддршка на развојот, рече Пешевски.

Тој додаде дека се идентификувани и слабости на кои Владата ќе работи за да се подобрат. Пад во рангирањето се забележува и кај факторот буџетски суфицит - дефицит, јавен долг, фиксни телефонски линии, бројот на претплатници на широкопојасен интернет, инфлација, квалитет на железничка инфраструктура.

Македонија во најновиот извештај на Светскиот економски форум, е на 73. место на листата за конкурентност, искачувајќи се за седум места од минатата година кога беше рангирана на 80-та позиција.

Според извештајот, најконкурентна од 148. земји во светот е Швајцарија, по неа се Сингапур, Финска и Германија. Во првите 10 се и Шведска, Хонг Конг, Холандија, Јапонија и Велика Британија.

05.09.2013 - 12:46
Фото: 
Новини

најчитано сега