Кузмановска: Владата на СДСМ одвои само 1% од годишно планираните капитални инвестиции

Власта не работи ништо. Нема капитални инвестиции, нема проекти за потребите на граѓаните, нема развој. Владата одвои само 4 милиони евра за капитални инвестиции во месец јануари. Тоа е само 1% од годишно планираните капитални инвестиции, истакна на денешната прес-конференција Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа вели дека реализираните капитални инвестиции во јануари 2018 година се 6 пати помалку од капиталните инвестиции реализирани во јануари 2017 година.

-Тоа се само 4 милиони евра за цел еден месец за изградба на  автопатишта, патишта, пруги, објекти во образованието, здравството и културата. Додека за капитални инвестиции се одвојуваат само 4 милиони евра, за рушење на галиите во Вардар се одвојуваат 5 милиони евра. Да не беше трагично ќе беше смешно. Партијата која од опозиција ветуваше инфраструктурен бум, од позиција на власт само руши и го кочи развојот на државата. Срамота е од најобемниот Буџет во историјата на Република Македонија од 3.4 милијарди евра  да се одвојуваат само 4 милиони евра месечно за капитални инвестиции. Срамота е државата да се задолжи со 1.4 милијарди евра за 9  месеци, а за капитални инвестиции на месечно ниво да се одвојат само 4 милиони евра. Граѓаните се прашуваат на што се трошат парите од Буџетот? Јавноста чека одговори каде завршија 1.4 милијарди евра од задолжувањата на оваа власт?, прашува Кузмановска.

Таа истакнува дека развојот на една држава се темели на обемот на капиталните инвестиции. Задолжувањето како инструмент е оправдано само ако со него се финансираат капитални инвестиции.

-Недозволиво е за еден месец да се реализираат само 1% од годишно планираните капитални инвестиции. Со вакво темпо на реализација на капитални инвестиции се доведува во прашање реализацијата на капитални инвестиции на годишно ниво. Граѓаните се со право исплашени дека парите наменети за капитални инвестиции, нема да се потрошат за капитални инвестиции. Граѓаните се чувствуваат изманипулирани. СДСМ ги излажа граѓаните. Ветуваа 600 километри нов автопат, 550 километри нови магистрални патишта и инфраструктурен бум. 9 месеци по преземањето  на власта од страна на СДСМ државата се соочува со општ застој. Не само што не е отпочната изградба на нови инфраструктурни објекти, туку и работата на постојните беше запрена. Неодговорноста и расипништвото на власта го загрозува развојот на државата. Неодговорното менаџирање со парите на граѓаните мора да запре, вели таа.

 

 

 

01.03.2018 - 14:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега