Џафери: Стандардизиран формат на годишните извештаи на институциите за поквалитетна отчетност

Стандардизираниот формат на годишните извештаи за работа кој институциите треба да ги испраќаат до Собранието на Република Македонија, со цел да може поедноставно да се врши надзор врз нивната работа, беше предмет на денешната втората средба меѓу собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и претставници на овие институции.

- Убеден сум дека на ваков начин правиме неколку квалитетни чекори напред. Ова не само што ќе влијае врз институциите, туку ќе придонесе за поквалитетна отчетност, а преку тоа и до добро разбирање и зголемена доверба на јавноста врз работата на независните институции. Секако дека ова ќе има позитивен импакт и врз понатамошно јакнење на надзорната функција на Собранието врз овие институции, рече претседателот на македонското Собрание Талат Џафери, кој се обрати на средбата. 

И членовите на Комисијата и претставниците на институциите се согласни дека на ваков начин се поедноставува постапката на изготвување на Извештаите и оти ќе се овозможи нивна поголема транспарентност, како и зголемена ефикасност на надзорот што врз нив го врши Собранието.

Институциите, рече потпретседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Хари Локвенец, ќе бидат следени и  по вертикала во однос на минатите години и работата што ја завршиле во конкретни величини, вредности и варијабли кои ќе бидат споредувани, но и по хоризонтала поради истиот формат во кој тие ќе бидат доставувани. На ваков начин, потенцира, ќе можат да бидат споредувани институции кои функционираат во различни области од општествениот живот. 

Според претседателот на Комисијата Александар Кирацовски, оваа стандардизација на извештаите што ги доставуваат институциите е еден од начините да се зголеми и да биде поефикасна надзорната контрола на Собранието на Република Македонија над извршната власт.

Стандардизација на форматот на Извештајот е изработена во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Македонија. 

Нинослав Васељевиќ од ОБСЕ истакна дека Годишниот извештај е каналот за комуникација меѓу институциите и македонското Собрание, и затоа, потренцира, добро е тој да биде поефикасен и транспарентен. Така, рече тој, ќе им се овозможи на пратениците да имат поефикасен увид во состојбите и подобар надзор. 

 

 

 

02.03.2018 - 16:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа