"Мој термин" успешно се применува во цела Македонија

Вкупно 155.000 електронски упати се креирани, а 90.000 се реализирани во август, што укажува дека електронскиот систем за закажување прегледи и интервенции „Мој термин“ функционира успешно се применува во цела држава. На 2 септември бројот на креирани рецепти достигна рекордно ниво односно 120.623 електронски рецепти (на 5 август имаше 111.532 креирани електронски рецепти). Во првите четири работни дена од овој месец се креирани 45.000 упати, што е двојно повеќе во однос на првите четири работни дена од август кога беа креирани 22.000 упати.

Ова денеска на прес-конференција го истакна проект-менаџерот на националниот систем за закажување прегледи „Мој термин, Милан Аризанкоски. Тој истакна дека во август биле препишани 1.296.277 електронски рецепти, а само во првите четири работни дена од септември - 350.000 електронски рецепти, додека во првите четири работни дена од август - 205.000 електронски рецепти. Во континутет, посочи тој, работиме на подобрување на техничките перформанси на системот „Мој термин“.

Аризанкоски ги повика сите пациенти посовесно да се однесуваат кон електронските закажани прегледи: - Во Градската општа болница „8 Септември“ и во Здравствен дом - Скопје на дневна основа се креирани 40 термини за прегледи на пациенти од кои редовно на своите термини доаѓаат 25 до 30 пациенти, а останатите не доаѓаат на закажаниот термин, што предизвикува да се направат дополнителни гужви и нервози. Листата на чекање двојно би се намалила доколку сите се придржуваат до своите термини, истакна Аризанкоски.

- Суштинска работа на проектот е културата на почитување на времето на другиот, односно докторот треба да го почитува времето на пациентот, а пациентот треба да го почитува времето на докторот и останатите пациенти. На тој начин ќе се постигне многу повисоко ниво на хоспитална култура, посочи Аризанкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека секој ден детално следат што се случува на серверот, каде е најмалиот пораст на користење на процесорите или зголемување на меморијата.

- Матичните лекари користат трети програми. Имаме цврста и тесна интеграција со тие софтверски компании. Можно е да има некоја мала неоптимизација меѓу тие сервиси, но истите ги решаваме моментално. Во контакт сме со сите најголеми производители на софтвер на примарно ниво и тоа е решено, додаде Аризанкоски.

 

05.09.2013 - 15:03
Фото: 
Региони

најчитано сега