Ахмети нема намера да седне на маса со Заев
Ахмети нема намера да седне со Заев на маса за Законот за јазиците бидејќи смета дека тоа е завршена работа. Висок партиски функционер на интегративците на Плусинфо вели дека и покрај сите перипетии, законот ќе биде донесен и тоа во формата во која што сега се наоѓа во Собранието без да се разгледуваат амандманите на ВМРО-ДПМНЕ.
– Законот за јазиците е затворено прашање за ДУИ уште при формирањето на Владата. Овој Закон е столб на владината коалиција. Законот ќе биде донесен многу скоро, со поддршка од СДСМ и тоа во форма како што веќе е изгласан во Собранието, бидејќи таков е договорен со партијата на Заев при формирањето на Владата. Нема промена на нашите позиции, односно ќе нема амандманска расправа за законот -вели за Плусинфо висок функционер на ДУИ.
Во СДСМ официјално нема прецизен став за ова прашање кога станува збор за постапката низ која треба тој да помине.
Од владејачката партија велат дека му даваат шанса на дијалогот и дека се надеваат на договор со ВМРО-ДПМНЕ, кој е извесно дека нема да се случи, со оглед на тоа што опозициската партија има прилично константен став по ова прашање и бара законот да биде повлечен од Собранието.
Од друга страна, за вчера најавената лидерска средба не слушнале во ниту една од партиите. И во власта и во опозицијата велат дека до сега никој ниту ги поканил ниту пак се разговарало на ова тема, а дополнително, дел од лидерите се на службени патувања во наредните неколку дена.
Сепак, простор за средба на лидерите ќе има во Охрид идната недела за кога е закажан процесот „Жан Моне“. Иако Законот за јазиците не е најавен како тема, никој не може да исклучи можност таа да биде отворена.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа