Кржалоски: Ако се оди сега на избори СДСМ ќе ги загуби (видео)

Во дебата на „360 Степени“, Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС, зборуваше за носењето на Законот за јазици, во моментот блокиран со 35.000 амандмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, и дали кризата може да ескалира до нови избори.

Оваа 2018 година не се планирани избори, но можно ли е кризата со Законот за јазици да доведе до тоа, беше прашањето на кое Кржаловски рече дека ништо не е невозможно, но и дека никој не би сакал да дојде до тоа.

– Ништо не е невозможно, иако мислам дека никој не сака избори, дури ни ВМРО-ДПМНЕ, додека не се консолидира, а уште помалку владејачкото мнозинство, иако можеби со логика дека ќе се зголеми мнозинството и ќе се добијат доволен број на пратеници за промена на Уставот без согласност на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа може да биде меч со две оштрици, барем од две причини. Целата констелација на спорот со името е базирана на тоа дека нема да има избори, ниту во Македонија, ниту во Грција оваа година, и дека тоа остава простор да се испреговара на раат и да се стигне до решение, барем до јули. Значи, ако има избори евентуално на есен, после јасна ситуација што ќе се случува со спорот со името, и тоа можеби ќе биде појасно уште кон крајот на март, или до крајот на април, кога ќе го имаме извештајот на ЕУ, и дури тогаш да се размислува и во владејачката коалиција за нови избори. Второ е дека ефектот на Тереза Меј од Брегзит, кога таа сметаше, а и анкетите покажуваа дека ќе добие такво мнозинство, да полагодно ги води процесите, за малку ќе се срушеше и нејзината влада. Така да, во ваква ситуација, ако се оди сега на избори, пред решавање на името, ВМРО-ДПМНЕ и тоа како може да го искористи во своја полза, и можеби резултатите ќе бидат полоши за СДСМ, од локалните сигурно, а можеби и од парламентарните во 2016 година. ДУИ веројатно се надева дека секако ќе го подобри резултатот што го имаше – историскиот минимум од 10 пратеници. Меѓутоа со нерешено прашање за Законот за јазици е прашање дали тие ќе добијат поголема поддршка во албанскиот блок, или другите партии ќе го искористат против нив тоа. Меѓутоа, генерално не очекувам да се оди на предвремени избори – рече Кржаловски.

 

 

 

 

12.03.2018 - 09:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега