Министерство за транспорт и врски: Завршен автопатот Демир Капија-Смоквица, следниот месец ќе биде пуштен

Министерството за транспорт и врски реагира на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ во врска со доизградбата на автопатот Демир Капија -Смоквица.

- Сакаме да потенцираме дека автопатот Демир Капија-Смоквица е завршен целосно и веќе следниот месец ќе биде пуштен во употреба. Се очекува надзорниот орган до 15 март да даде позитивен извештај за изградбата и со тоа да се заокружи целиот проект за кој во јавноста се отворија многу контроверзии наследени од претходната власт, се наведува во реакцијата од Министерството за транспорт и врски.

Министерството потенцира дека во рок од два месеци ги завршило сите процедури во врска со одобренијата за градење и со тоа во најкус рок е изграден контролниот центар, а далноводот е дислоциран за да може сообраќајот да се одвива безбедно.

- По предлог на Министерството за транспорт и врски се направија и измени во Законот за градење се со цел да се поедностават конкретни административни постапки кои се однесуваат на добивање на употребна дозвола за да не се случи автопатот да биде вон употреба уште најмалку две години, се наведува во соопштението.

Се додава дека Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта согласно своите надлежности ќе ги преземат сите активности за да може автопатот да биде пуштен во употреба согласно предвидените рокови.

- Ги повикуваме од ВМРО-ДПМНЕ јавно да објаснат зошто навремено не се завршиле административните постапки за одобренијата за градење за изградба на контролниот центар во Неготино и за дислокација на далноводот за да може автопатот да биде пуштен во употреба во рамките на договорените рокови, се додава во реакцијата на Министерството.

 

 

 

12.03.2018 - 17:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега