Ирска предлага искуства за справување со нерегуларно трошење народни пари од страна на пратениците

Ирски пратеник доставувал фалсификувани сметки за патни трошоци и за службен мобилен телефон, при што го оштетил буџетот за 81.050 евра за патувањата од и до работното мести и 33 илјади евра за мобилен. Добил затворска казна од пет месеци и забрана да врши јавна функција.

Ова е епилог од случајот кој пред околу три години се случил во Ирска, а кој бил откриен од Комисијата за јавни финансии, која ги истражувала трошоците на пратениците.

Пратеникот, како што информираше денеска ирската надворешна експертка за парламентарни односи Нив О’Конор на работната средба со претставници на невладини организации и медиуми, пријавил дека живеел во јужна Ирска, а всушност живеел во Даблин. Во јужниот дел на земјата тој имал викендица. 

Ги фалсификувал сметките за патните трошоци, а за мобилниот доставувал сметки од компанија, која веќе не постоела.

Случајот го открива Комисијата за јавни финансии, а вакво тело О’Конор предлага да се воспостави и во Македонија, која исто така ја тресат скандали околу патните трошоци на пратениците од претходната власт, но сумите кои ги трошат и сегашните пратеници предизвикаа реакции во јавноста.

- Нема совршена земја, нема совршен Парламент, нема совршена демократија. Изнесувам пример со цел да ви укажам како функционира сето тоа и како би можело да се спречи, додаде О’Конор. 

Ирската експертка вчера ги советувала пратениците во Парламентот околу можноста за формирање на комисија за јавни финансии (сметки), која ќе ги истражува извештаите на државата ревизија, а денеска ги советуваше претставниците на невладини организации и медиуми за да им укаже како преку работата на таа комисија да откриваат нерегуларности во трошењето на народните пари од страна на пратениците.

О’Конор во изјава за МИА нагласи дека пратениците-членови на Комисијата за финансирање и буџет со кои се состанала вчера покажале голема заинтересираност за формирање на комисија за јавни финансии, а начинот на кој ќе биде воспоставена се уште се разгледува. Една од можостите е да работи како подкомисија во рамки на Комисијата за финансирање и буџет. 

Нагласува дека ирскиот Парламент е формиран 1922 година и оти таква комисија постои одамна, но таа ефикасно фунционира во изминатите пет години.

- Важно е медумите да ги ловат пратениците, да го притискаат Парламентот да работи како што треба, вели О’Конор. 

Македонските пратеници од претходната власт потрошиле огромни суми народни пари за патни трошоци, но ова прашање се уште не е затворено, што го покажа и истражување на новинарската мрежа СКУП. По објавата дека пратениците од земјава побарале многу повеќе пари во споредба со колегите во регионот, ТВ21 ги објави „топ десеттемина“ - пратениците во македонското Собрание кои во 2017 имаат приложено најмногу сметки за бензин, патарина, и други давачки за пат.

Иако два од првите шест месеци од годинава Собранието не работеше, сметките за службени патувања достигнуваат износ од околу четири илјади евра по пратеник во земја, каде најоддалечното место од главниот град во просек не е подалеку од 200 километри.

Прв на листата беше Алија Камберовски со 4.280 евра, по него Сашо Поцков со 3.975 евра, Лилјана Затуровска 3.942 евра, Мира Стојчевска 3924 евра, Агим Шакири 3.911 евра, Александар Кирацовски 3.844 евра, Сашо Василевски 3.843 евра, Томислав Тунтев 3.843 евра, Васко Ковачевски 3.829 евра, Лилјана Кузмановска 3.829 евра.

Премиерот Зоран Заев на почетокот на месецот изјави дека патните трошоци на пратениците кои се пресметуваат според постојните закони претставуваат голема сума за граѓаните.

Преку дебата треба да се најде прифателиво решение и за граѓаните и за пратениците, додаде тој. 

Како можните ги набеде да се купат возила за сите пратеници, да се обезбедат станови во Скопје, да се променат начините на патување преку реорганизација на Деловникот.

Денешната работка средба со ирската експертка беше организирана од Фондацијата за демократија Вестминитер.

 

 

 

14.03.2018 - 13:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега